Почна судењето против Мерко за незаконско назначување директори во училиштата

Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко на обвинителна клупа, не чувствува вина за незаконско назначување директори во основните училишта во селата Подгорци, Лабуништа и Велешта и во „Браќа Миладиновци“ во Струга. Во струшкиот Основен суд, денеска се одвиваше главната расправа, а трите предмети за незаконско поставување директори, во кои е  инволвиран само градоначалникот Мерко, судијата ги спои во еден предмет.

„Моментално за училиштето во Велешта се води одвоен предмет затоа што таму се четворица обвинети, а за другите три училишта се води споен предмет. Три постапки во еден предмет. Покрај кривично дело несовесно работење во службата, дел од обвинетите се гонат и за кривично дело фалсификување исправа“, вели Јордан Јованов-судија.

Денеска во судот, како сведок даде свој исказ, Адем Ајдароски, кој три мандати бил в.д. директор на основното училиште „Гоце Делчев“ во Подгорци. Нагласи дека оставка си поднел поради лични причини и на барање на Антикорупциска. Ајдароски не исполнувал услови за директор затоа што немал петгодишно работно искуство и како дипломиран економист не бил од редот на вработените. За делата за кои го товари Обвинителството, Мерко дециден дека не е виновен, за незаконското поставување директори, бидејќи направил континуитет во работата на основните училишта. 

„Ние имаме докази и ќе докажеме дека тој сторил кривични дела за кои се терети. Судот ќе одлучи колку ќе го осуди, ќе видиме во текот на постапката. Ако не се согласиме со пресудата што ќе ја донесе судот ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд во Битола“, вели Џемал Лога-јавен обвинител.

На петти јули продолжува судскиот процес против Рамиз Мерко за четирите предмети.

Струшкиот градоначалник и претходно беше во фокусот на јавноста, за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили за кои од општинската каса беа повлечени 114.000 евра. Тој е на црната листа на САД, за вмешаност во корупција и за влијание врз судски процеси. Пред неколку дена Одборот за акредитација на високото образование ја поништи акредитацијата на Мерко, за основање Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет во Струга.