Почна скрининг на скопските средношколци
Foto

Почна скрининг на скопските средношколци

Медицинските тимови од денеска се на терен во скопските училишта каде започнува тестирањето на учениците за КОВИД 19. Први кои што се тестираа се учениците од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во скопската општина - Чаир. 

Вкупно 68 ученици од ова училиште беа тестирани со земање брис од грло и нос. Тестирањето се одвива во посебна просторија одредена од страна на училиштата, со почитување на ковид протоколите.  

„Од сите тестирани ученици резултатите веднаш ни ги кажаа здравствените работници кои беа дојдени во нашето училиште сите беа негативни и баш не израдува веста дека сите сме негативни и безбедни во нашето училиште.“ - вели Аише Бекировска специјален едукатор во Средно Училиште на Град Скопје „Зеф Љуш Марку“.

Медицинските екипи велат дека скринингот се прави со брзи тестови и дека целиот процес трае кратко и безболно. 

„Тоа се брзи тестови, слични како оние тестови со кои земаме брисеви и за короната и родителите не треба воопшто да се грижат. Тоа се истите брисеви кои се користат и за саннитарни прегледи, не е воопшто болно, јас еве велам ниту настанала повреда ниту рана, се прави внимателно.“ - вели Денис Јанкуловски медицински техничар.  

Во средното медицинско училиште пак 95 ученици беа на листата за скрининг. Дел од родителите дале согласност, но сепак имало и такви кои одбиле да им се земе брис на нивните деца. 

„Најголем дел од родителите прифатија, имаше неколку изолирани случаи кои одбија, но тоа беа на пример некои кои прележале веќе ковид па сметаа дека нивните деца нема потреба да подлежат на скринингот.“ - вели Маја Салиу директорка на Средно медицинско училиште Скопје.

Денеска е предвидено да се тестираат ученици од 9 средни училишта во Скопје, а скрининг ќе се спроведува и во други градови низ земјава. Изборот на ученици е случаен. Според планот на здравствените власти во скринингот ќе бидат опфатени близу 8 200 ученици. 

Сепак според дел од епидемилозите оваа бројка е премногу мала, а методологијата велат нема да ја даде реалната слика. 

Дополнително, епидемиологот Олумчев вели дека тестирањето кај учениците треба да се прави барем еднаш месечно за да се контролира епидемијата. 

„Бројката е прилично мала, но сепак ќе ни даде некаква ориентациона слика за да констатираме дали имаме интрахуман трансфер на вирусот помеѓу учениците внатре во училиштата така што за почеток добро е што се почна со скринингот, иако тоа требаше да биде многу порано направено, но подобро сега отколку никогаш и за почеток ќе имаме приближна слика што ни се случува во училиштата, иако скринингот би требало да се повторува на барем две до три недели и да бидат опфатени што поголем број на ученици од различни категории за да имаме реална слика.“ - вели д-р Сашо Олумчев епидемиолог.

Од министерството за здравство пак очекуваат дека скринингот ќе даде целосна слика на состојбата со трансмисијата на вирусот во училиштата, а целта велат  е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. 

Здравствените власти апелираат родителите да дадат согласност за тестирање бидејќи велат дека целта на скринингот е да се обезбеди безбедна настава и заштита на здравјето на децата.

0 Коментари

Остави коментари