Почна пописот на населението, домаќинствата и становите

Под посебни протоколи за заштита од Ковид 19, по пауза од речиси 20 години утрово стартуваше најважната статистичка операција во земјава. Во секое домаќинство ќе влегува по 1 попишувач, нема да се најавуват по телефон, туку ќе тропнат директно на врата, а така започна и денешниот ден, во домот на семејството Трајковски.   

За попишување треба по 3 минути за одговарање на 1 прашалник, односно 15-тина минути за попишување на цело домаќинство со во просек по 4 члена. За да се собрат потребните информации попишувачите ќе дојдат онолку пати колку што треба во еден дом, а за друго лице инфомации може да даваат само родители и старатели на деца до 18 години.

Иако пописот се спроведува во време кога Македонија е погодена од четвртиот бран на ковид-19, надлежните смируваат - операцијата ќе биде безбедна, со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Оние граѓани кои ќе побараат вакциниран попишувач ќе им биде обезбеден. Што се однесува до домаќинствата каде што има заразени или лица во изолација, Државниот завод за статистика за тоа ќе добива извештаи од Министерството за здравство на дневна база. 

Граѓаните да соработуваат повикаа надлежните. Според директорот на Државниот завод за статистика со бојкот на пописот граѓаните прават штета на самите себеси. А упати и апел во домовите да не се пропуштаат попишувачи без легитимација. 

Овој попис ќе се спроведува според комбиниран модел - освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Во пописната база влегуваат базите на МВР, Централен регистар, Агенцијата за вработување, МОН, Министерството за труд и социјала, УЈП, Агенција за катастар, матични книги и расположливите податоци од заводот на статистика. Пописот ќе трае до 30 септември, а директорот Симовски се надева оти добиените податоци ќе ги објават најдоцна во јануари 2022.