Почна изградбата на гасоводен интерконектор со Грција – втора најава за ист проект во период од 2 ипол години

Овие две цевки со пречник од 70 сантиметри, кои заварувачи денеска ги споија една со друга, го означија почетокот на изградбата на гасоводниот интерконектор со кој земјава треба да се поврзе со Грција. На свеченоста, на рид до патот меѓу Неготино и Демир Капија, присуствуваа премиерот, министри, амбасадори од ЕУ, САД и Грција, како и директори на институции и компании, кои го означија настанот како историски за земјата.

Планирано е изградба на 66,7 километри гасовод на македонска страна со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, што може да се зголеми на 3 милијарди. Проектот вреден околу 60 милиони евра го поддржуваат Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ. Премиерот Мицкоски призна дека идејата е стара, но важна.

Проектот предизвика контроверзии, откако претходната влада најави учество во терминалот во Александрополис и закупи количини на гас, кои нема како да стигнат тука.

Македонскиот дел од интерконекторот, кој го гради „Рапид билд“, треба да биде готов за две години и да биде во функција во 2027 година. Ова ќе овозможи дополнително снабдување со природен и течен гас, покрај сегашното од Бугарија, преку терминалите во грчките Ревитуса и Александруполи.