Почна амандманската расправа за предлог-буџетот за 2026 година
Предлог Буџетот за 2026 година предвидува стабилност на македонската економија. Вака министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска започна да го брани буџетот за догодина кој го усвои владата.
Пред пратениците таа посочи дека овој предлог Буџет носи сигурност на граѓаните, можност за инвестиции и стабилен економски раст. Меѓудругото, министерката истакна дека овој значаен дукумент за државата ќе придонесе за стратегија за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.
Гордана Димитриевска Кочовка министерка за финансии
„Владата ќе постигне постепено усогласување со фискалните правила во рамки на фискалната стратегија 26та -30та, преку подобрување на наплатата на приходите, рационализација и ефективност на буџетските расходи како и стратешко планирање на капиталните инвестиции за навремено реализирање на проектите. Овие мерки вклучуваат формализација на неформалната економија, дигитализација на процесите, миниторинг на јавните средства.“
Опозицијата пак со серија на обвинувања за овој предлог на власта за тоа како треба да изгледа државната каса за догодина. Не само што изразуваат скептицизам опозиционерите туку тие се загрижени дека за догодина се предвидени повеќе пари за плати и пензии, но сериозно се намалени плановите за изградба на капитални проекти.
Фатмир Битиќи
„Со планиран дефицит од 32,9 милијарди денари граѓаните може да очекуваат дека секој нивен петти оданочен денар што ќе го уплаќаат наредната година нема да се врати во подобри јавни услуги. Туку ќе тоне во црната буџетска кутија на владата која енаполнета со корозивни пари за иднината. Додека на хартија со лесен оптимизам се испишува раст од 3,8 посто и инфлација од 2,5 реалноста вели сосема нешто друго.“
За догодина владата планира да собере 6,1 милијарди евра, но во исто време да потроши фантастични 6,7 милијарди евра. Дупката во државната каса власта планира да ја пополни со пари од задолжувања дома и во странство. Инаку, за догодина треба да се вратат кредитите кои беа земени од минатата влада за справување со ковид кризата и со енергетската криза. Оваа влада сега планира да се задолжи над едена милијарда евра за да ја раздолжи државата.

