Починувањето на 63-годишната гостиварка ги разбуди институциите

Случајот со починатата 63-годишна гостиварка Сава Таневска, кој вчера во јавноста го обелодени Телевизија 24, веќе е под надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, чии екипи се на терен, а тоа ни го потврдија и од Министерството за здравство. Целта е да се утврди дали се работи за докторска грешка, откако Сава на 13. јули по преглед во две болници за само четири часа починала. 

Во врска со случајот со починатата пациентка, во текот на денешниот ден Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во приватната здравствена установа во Маврово, како и во ЈЗУ Општа болница Гостивар, каде била препратена за натамошен третман и лекување. По извршените инспекциски надзори и констатирана состојба, ДСЗИ ќе постапи согласно своите законски надлежности. 

Сопругот на Сава, Никола Таневски, во меѓувреме подготвува судска разврска на случајот, а наскоро ќе поднесе и кривична пријава во јавното Обвинителство против докторот од интерното одделние од општата болница во Гостивар, од кого и јавно бара одговорност.

Телевизија 24 за случајот ја извести и Лекарската комора, од каде пак чекаат Државниот здравствен инспекторат да заврши со надзорот, по што ќе им се испрати барање за тие понатаму да дејствуваат согласно пропишаните протоколи.