Почина славниот филмски композитор Енио Мориконе
Foto

Почина славниот филмски композитор Енио Мориконе

Оскаровецот и еден од најпознатите и највлијателните филмски композитори, Енио Мериконе, почина денеска на 91 годишна возраст во Рим.Мориконе почина на клиника во Рим, како резултат на последиците од неговиот пад минатата недела, кога ја скршил бедрената коска.

Својата кариера ја бележи со напишана музика за над 500 филмови. „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на западот“, „За грст долари“ се само дел од неговите безвременски дела. Неговото богатство од идеи придонело најдобрите од филмскиот свет да тропнат на неговата врата, како Квентин Тарантино.

Соработката била плодна, бидејќи во 2016 Мориконе со „Омразените осуммина" конечно го доби долгопосакуваниот Оскар за најдобра филмска музика. Пет пати претходно беше номиниран и секогаш завршуваше со празни раце. Во 2007 доби почесен Оскар за неговото животно достигнување. Двата Оскари ги посветил на сопругата Марија со која од 1956 година бил во брак.

Во 2009 година тој настапи на отворањето на 49-то издание на Фестивалот „Охридско лето“. Беше диригент на музичкиот спектакл „Беше еднаш во Македонија“ , а беше одликуван со “Орден за заслуги за Македонија“ поради исклучителни резултати во неговото музичко творештво.

Веста за смртта на Мориконе, во име на семејството, ја пренесе неговиот пријател Џорџо Асума. Тој изјави дека музичарот се држел достоинствено и свесно и дека пред смртта се збогувал со сопругата Марија, која секогаш била покрај него во неговата кариера и во приватните моменти, а последните денови ги поминала со него. Како што беше најавено, погребот на музичкиот великан ќе се изврши во кругот на семејството.

0 Коментари

Остави коментари