Почина маестро Александар Џамбазов
„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор Џамбазов на социјалните мрежи.
Почина легендарниот композитор Александар Џамбазов - денеска, на 85 годишна возраст.
Александар Џамбазов е роден на 03.02.1936 год. во село Стапар, Војводина, Р. Србија од мајка Цветанка-домаќинка и татко-Методи-учител од Штип, кој бил преместен во 1934г. во Војводина поради своите напредни идеи. Во 1947г. во Скопје го завршува најпрво нижото музичко училиште (започнато во Штип) и средното - 1956г. Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде дипломира во 1960 година. Веднаш по дипломирањето поканет е да работи во Радио Скопје, и тоа најпрвин како соработник во Редакцијата за сериозна музика, потоа во Редакција на забавна музика и музичката продукција, а од 1964 година е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје на кое работно место се наоѓа до неговото пензионирање.
Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ соопшти дека денес почина истакнатиот македонски композитор, диригент и долгогодишен член на СОКОМ, Маестро Александар Џамбазов.
Втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведени, снимени и печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, добитник е и на Државната награда „11 Октомври“, Наградата на град Скопје „13 Ноември” и др. Маестро Александар Џамбазов е еден од основоположниците на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и на најпознатиот, најафирмиран и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа „Златно славејче“. Неговиот исклучителен придонес е и во музичкото исполнителство како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж, и како несебичен пропагатор на опусот на македонските композитори од овој жанр.
Во неговиот богат творечки и интерпретавен опус се обединети сите негови животни и креативни настојувања на взаемно преточување на „сериозниот” и „популарниот” жанр врз кои базира целото негово творештво што опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави.