Почина легендарниот фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ

Легендарниот фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ почина по долга и тешка борба со ракот. Како што јавуваат хрватските медиуми, тој за два дена требаше да го прослави својот 88 роденден.

 

Уште во 2011 година на Блажевиќ првпат му беше дијагностициран рак на простата, но тој се избори со болеста. Една година потоа, тој беше опериран од меланом во почетна фаза. Во септември 2019 година, тешката болест повторно се врати, а за жал овој пат легендарниот тренер не излезе како победник.

Блажевиќ е роден во 1935 година во Травник, каде и ја започнал својата играчка кариера.

Тој најпрво станал тренер на швајцарскиот Сион, а во 1979 година ја презел репрезентацијата на Швајцарија. Неговиот подем како тренер започнал истата година, кога се преселил во тимот на Ријека.

На крајот на сезоната му се приклучил на Динамо, со кој ја освоил титулата југословенски шампион во 1982 година. Од 1994 година ја водел хрватската репрезентација.