Почина доајенот на македонската совремна скулптура, Драган Попоски-Дада

Денес на 88-годишна возраст засекогаш нѐ напушти доајенот на македонската современа скулптура, Драган Попоски-Дада, а тажната вест ја соопштија неговите колеги и соработници од Националната галерија.

- Неговите облици имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат, предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацитивност. Од друга страна, пак, неговите фигури се исто така суптилно стилизирани, со монументално чувство во внимателното градење на односот на масите, велат за неговите лик и дело од Националната галерија на Македонија.

Академија за ликовни уметности (1961) и постдипломски студии (1964) завршил во Белград, во класата на проф. Јован Кратохвил. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Студиски патувања остварил во Грција, Италија, Англија, Франција, Германија, Полска, САД.  Од 1965 година навака, реализирал повеќе самостојни изложби во Скопје, Единбург, Херогејт, Копар, Трст, Франкфурт на Мајна, Ашафенбург, а учествувал на повеќе значајни групни претставувања во Белград, Прилеп, Скопје, Александрија, Загреб, Ферара, Трст, Јаши, Пиатра Неамц, Атина, Мурска Собота, Дубровник, Сараево, Љубљана, Брадфорд, Приштина, Ваљево, Рим, Панчево, Њујорк, Волос, Мелбурн и др. Автор е на повеќе монументални дела и е добитник на повеќе награди, меѓу кои во 1981 година највисоката републичка награда „11 Октомври“.

Монументални дела:

1963, Прилеп, „Жена борец”, прилепски мермер „сивец“, 200х80х45 см; 1967, Скопје, Релјеф на аеродромот Петровец, бакар, 800х250 см; 1969, Скопје, биста на Мито Хаџи Василев, бронза, 75х55х30 см, Собрание на РСМ; 1971, Скопје, “Човек и хуманизам”, прилепски мермер „сивец“, 380х112х90 см, Болница „8ми Септември“; Скопје, “Братство-единство”, прилепски мермер „сивец“, 120х45 см, релјеф пред Домот на ЈНА; Прилеп, Плетвар, споменик на Б.Талески и Л.Филиповски, прилепски мермер „сивец“, 120х150х70 см; 1974, Пуста Река, Крушево, Споменик на загинати борци, прилепски мермер „сивец“, 150х90х45 см; 1975, Скопје, “Март 1941 година”, споменик на студентските демонстации, бронза, 230х135х140 см; 1988, Скопје, Споменик ”40 години на КПМ”, мермер, 193х140х55 см; Мелбурн, Споменик на Гоце Делчев, бронза, 199х100х40 см; Франкуфурт, монументална скулптура ”Бескрајна вертикала”, бронза, 750х120х120 см; Волос, Грција, мермерна скулптура во простор; 2014, Штип, Споменик на Гоце Делчев, Штипски универзитет; Охрид, „Билјана“, Охридска банка; Битола, Споменик на паднатите борци од Илинден и НОБ, плато пред Дом на култура и др.

Награди: 1959, Белград, I награда за скулптура на изложбата на Сојузот на студентите на Југославија; 1963, Прилеп, I награда за споменикот “Жена борец”; 1967, Скопје, I награда за релјефот на аеродромот Петровец; 1968, II награда за скулптурата ”Самоилов војник” на изложбата “Нашето минато”; 1969, Скопје, Откупна награда за споменикот “Илинденско востание” во Крушево; Скопје, I награда за бистата на Мито Хаџи Василев; 1970, Скопје, I награда за споменикот ”Човек и хуманизам”; Скопје, I награда за релјефот “Братство и единство”; 1972, Скопје, II награда за скулптурата ”Кирил и Методиј”; 1975, Скопје, I награда за споменикот ”Март 1941 година”; Струга, II награда за споменикот на жртвите во НОВ; 1977, Дебар, II награда за споменикот на револуцијата (прва не е доделена); 1979/80, Скопје, II награда за скулптурата “Самоилови воини”; 1980, Кочани, II награда за споменикот на НОВ; 1987, Франкфурт, I награда на конкурсот за скулптура во простор; 1988, Мелбурн, I награда на конкурсот за споменик на Гоце Делчев.

Уметничкиот развоен пат на Драган Попоски – Дада е долг, со повеќе развојни творечки етапи. Неговите облиците имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат, предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацијативност.

Всушност, врската меѓу природата и начинот на нејзиното ликовно транспонирање во метеријалот, во основа, го насочуваат Дада кон обликот како предизвик да се појави во материјалот, со голем респект кон законитостите на самиот материјал и, пред се, кон виталниот, динамичниот центар на отпорот. Спротиставување на масите, каде што тој го преобразува ткивото на материјалот во хармоничен однос на мирните статички облици, Дада го потенцира со мазните заоблени површини низ кои се лизга светлоста. Во основата на вкупниот волумен, низ конкавните и конвексните (и честопати мултиплицирани) фрагменти, се читаат трагите на примарната творечка енергија и базичната креативна мисла на авторот, што се движат кон пластичното јадро.

 Фигурата, суптилно стилизирана, со исклучителен усет каде и како да се нагласи примарното во предметното, го одбегнува стереотипното и шаблонското, разбивајќи ја монотонијата на следење на формите. Конечно треба да се нагласи дека една од битните карактеристики на ликовното кажување на Драган Попоски, кој во рамките на фигуративното ја поттикнува желбата да се откријат и согледаат оние примарни вредности што ја чинат конкретната претстава, е монументално. Оттука неговите дела, без оглед на нивните димензии, се замислени како монументи што се должи на внимателното градење на односот на масите во рамките на стабилната архитектоника на делото.

Националната галерија во октомври-ноември 2018 година, во објектот Даут пашин амам организираше ретроспективна изложба на Драган Попоски Дада. Претставените дела беа сопственост на авторот, на повеќе институции (НУ Национална галерија, НУ Музеј на современата уметност, НУ Музеј на Р.С.Македонија, Центар за современа ликовна уметност - Прилеп, СОЗР при Влада на РСМ и др.), како и на значаен број приватни сопственици.