Почина бебе на Детската клиника старо осум дена

Бебето старо осум дена кое починало на Детската клиника пред два дена било предвреме родено, со ниска родилна тежина, а на клиниката било донесено од Струмица со тешка сепса и во многу лоша здравствена состојба, соопшти менаџментот на клиниката.

Од Клиниката тврдат дека медицинскиот тим направил се што е во нивна можност и дека бил обезбеден потребниот третман од одделот за интензивна нега.

„Се работи за прематурно бебе, со интраутерино страдање, ниска родилна тежина за возраста. Донесено е од Струмица после неколку дена со инфект дома, сите дома биле болни. Со закаснување донесено во тешка состојба, тешка сепса. Обезбедена е целосната нега и професионална грижа од Оддел за интензивна нега, но за жал кај бебиња со компромитиран имунитет, прематурни, раната сепса има висок степен на смртност.“ - УК за детски болести.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за случајот велат дека во сорабтока со министерството за здравство ќе постапат согласно законската процедура.

„Во врска со објавата за починато новороденче старо 8 дена на Детската клиника, родено во ЈЗУ ОБ Струмица, ја информираме јавноста дека во соработка со надлежното Министерство за здравство во случајот ќе постапиме согласно воспоставената законска процедура, по што јавноста ќе биде информирана за наводите по завршување на надзорот.“ - Кирил Лазов директор на ДЗСИ.

Од министерството за здравство велат дека дополнително ќе информираат по извршување на надзор во установите каде бил реализиран третманот на починатото бебе. Во меѓувреме дисциплинска комисија на Детската клиника се уште постапува за претходниот случај со четиринаесетмесечното бебе кое почина пред еден месец, а каде беа утврдени пропусти во третманот.