Почина актерката Љупка Џундева
Foto

Почина актерката Љупка Џундева

Театарската актерска легенда, тивката дама на македонското актерство, Љупка Џундева почина во 84 -тата година од животот. Таа го помина целиот свој работен век во МНТ.

Уште во почетокот на својата уметничка кариера таа се наметнала на публиката и кај драмската критика со својата специфичност, ретко убава дикција, со својот убав глас, со својот младешки шарм и свежина.

Како во класичниот драмски репертоар, така и во текстови од современата модерна литература Љупка Арсова Џундева се истакнува многу рано. Во интервју за ТВ24 во емисијата „Патот до успехот“ во 2015 -та година говореше за своите почетоци и предизвици.

„Јас бев многу скромно, срамежливо и болежливо девојче. Не можеа да си претстават дека јас можам да бидам актерка, и да го поднесам тој живот актерски“ рече Џундева.

Таа подеднакво успешно настапувала и во дела од македонско-југословенската драматургија и во светска драмска класика. Џундева играла во првиот македонски игран филм – „Фросина“, во првата македонска комедија – „Мирно лето“, како и во бројни други филмови, претстави, тв и радио драми. Секогаш оригинална и со свои размислувања за сегашноста и иднината.

„Ме вознемируваат, а ме вознемирува и тоа дека ова момче со ножеви прободено, оваа група се степала. За мене има човек и нечовек, не сум националиста“ - рече Џундева.

Добитник е на наградата на градот Скопје „13 ноември“, потоа на наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, орден на трудот со златен венец и орден на трудот со сребрен венец.

Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Ќе биде запаметена по улогата во антологискиот македонски филм на Димитри Османли, „Долго мирно лето“.

0 Коментари

Остави коментари