Почеток на мирот во Газа
Израелската влада го одобори договорот за крај на војната со Хамас. Од денеска и официјално стапува на сила спогодбата меѓу двете страни а во која палестинската организација се обврза да ги ослободи сите преостанати живи заложници кои ги киднапираше во нападот на 7 октомври пред две години. Хамас ќе мора да ги врати и телата на сите починати израелци.
Израел од своја страна ќе ослободи околу 2.000 палестински затвореници и делумно ќе се повлече од Газа.
Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел
„Сведоци сме на историски развој во изминатите две години. Во текот на овие две години се боревме за да ги постигнеме целите на војната, а една од нашите клучни цели беше ослободувањето на сите заложници, живи и мртви. И сега сме на прагот да го постигнеме тоа.“
Крај на војната во Газа објави и Хамас..Протераниот лидер на палестинската организација, Калил Ал Хаја потврди дека војната е завршена и дека почнува трајно примирје...Договорот вклучува и отворање на преминот Рафа во двата правци и влез на хуманитарна помош, ослободување на сите палестински жени и деца од израелските затвори, гаранции од САД, арапските посредници и Турција дека војната во Газа е трајно завршена...
Калил Ал Хаја
„Добивме гаранции од нашите медијатори и од американската администрација, дека војната е целосно завршена. Жртвите на нашиот народ нема да бидат залудни и ќе останеме верни на нашето ветување. Нема да се откажеме од националните права на нашиот народ: слобода, независност и самоопределување.“
И американскиот претседател Доналд Трамп, чиј план од 20 точки е основа за договорот, доцна синоќа порача дека е постигнат историски успех на Блискиот Исток...Најави и дека во следниот период, ќе следува и обнова на Газа...
Доналд Трамп – претседател на САД
„Ја завршивме војната во Газа и всушност, на многу пошироко ниво, создадовме мир. Мислам дека тоа ќе биде траен мир, се надевам вечен мир. Луѓе што не се сложуваа, што не се сакаа едни со други, соседни земји што, искрено, не можеа да се поднесат едни со други, сега тоа го направија. Сите Американци треба да бидат горди на улогата што ја одигра нашата земја во завршувањето на овој ужасен конфликт.“
Во меѓувреме, САД најавија префрлање на 200 војници кои веќе се стационирани на Блискиот Исток во Израел. Американската војска ќе отвори центар за цивилно-воена координација а во кој ќе бидат вклучени и сили од арапски и муслимански земји..Нивна задача ќе биде да го набљудуваат примирјето и да пријавуваат евентуални прекршувања.
Војната меѓу двете страни почна со нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени 1.200 лица, а уште 250 беа киднапирани. Според Министерството за здравство кое е под контрола на Хамас, во нападот на Израелската армија кој следеше, убиени се повеќе од 67.000 жители на Газа..Во војната загинаа и околу 450 израелски војници.
Во меѓувреме, Обединетите нации го обвини Израел дека извршил геноцид, обвинување што владата на Нетанјаху го негира. Војната меѓу Израел и Хамас се прелеа и надвор од границите на Газа, при што Израелската армија нападна цели во Либан, Сирија, Јемен и Катар. Во јуни Израел почпна и 12-дневна воздушна војна против Иран, за време на која САД ги нападнаа нуклеарните постројки на Исламската Република.

