По Заев, и Груевски негира дека имал средби за измени на Кривичниот законик

Поранешниот премиер кој е во бегство во Будимпешта, Никола Груевски тврди дека немало никакви тајни средби со лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговиот наследник, Зоран Заев на кои се разговарало за измени во Кривичниот закон. И Заев негира дека таква средба се случила.

Не е точно дека сум имал тајни средби со Али Ахмети и Никола Груевски за Кривичниот законик, изјави поранешниот премиер Зоран Заев за ТВ 24, откако неговиот поранешен коалициски партнер Али Ахмети, истакна дека на тајни средби се догаварале контроверзните измени на Кривичен со кои паѓаат во вода делата за кои се гонат функционери.

- Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина. - вели Заев.

По последните информации за измените во Кривичниот закони и измените во Законот за амнестија, поранешниот македонски премиер Никола Груевски се јави на својот фејсбук-профил и побара од Стево Пендаровски да каже кој барал аменситија за него. Во постот Груевски вели дека со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.