По втор пат се одложи судењето за сообраќајната несреќа во која животот го загуби Теодора Ристовска

Повторно одложено рочиштето за 22 годишната Теодора Ристовска од Тетово, која подлегна на повредите здобиени од сообраќајната несреќа, преминувајќи на пешачки премин. Обвинетиот, возачот Менсур Пајазити и неговиот бранител Александар Богдановски и денеска не беа присутни во судницата во тетовскиот суд.

Судијата Елведин Ферати, на почетокот на рочиштето кажа дека непосредно пред почетокот на рочиштето бил доставен поднесок во кој се известува судот дека заради здравствени причини кои се појавиле денеска, Пајазити не може да присуствува. До судот е доставен и медицински извештај од ЈЗУ Клиничка болница-Тетово.

Семејството на починатата Теодора посочува дека одолговлекувањето меѓу првите рочишта, а потоа и укинувањето на судските пресуди и повторното враќање на судскиот процес е неправедно. Таткото на Теодора, јавно го повика и претседателот на Влада за воспоставување системски промени.

„Како може тој истиот да се жали до Врховен суд, а ние да немаме право на жалба. Го молам претседателот на Влада, да преземе одговорност за оваа работа мора да има одговорност. Мора да има системски промени. Три години не' мачат, ќерка од 22 години изгубив, ја убија. Таа беше четврта година на Машински факултет. Мора да се борам за неа. За правда плачам, не плачам за друго. Правдата во Македонија нема. Зад него стои и мито и корупција и пријателство, а јас сум само обичен човек.“ - Круме Ристовски татко на Теодора Ристовска.

Адвокатката на семејството Ристовски ќе бара одговори од надлежните институции. Ќе се провери дали навистина Менсур Пајазити е во болница и дали навистина му е потребно лекување. Дали тој во овој период од одлагањето се јавува на работа затоа што работи како професор во гимназијата во Тетово. Одговорите ќе се потрудат да ги обезбедат до следното закажано рочиште. Ѓорчевска вели дека во оваа состојба не постои можност за приведување на Пајазити.

„Во оваа состојба не, затоа што има медициснки документи. Доколку се утврдат нерегуларности, во тој случај може да се приведе. Или ако има уредна достава, а не се јавува на поканата.“ - Наташа Ѓорчевска адвокатка на семејството Ристовски.

Денеска требаше да се одржи второто рочиште од повтореното судење, за кое одлучи Врховниот суд, а за што семејството на Теодора Ристовска дознава од медиумите.

Семејството Ристовски посочува дека нивната болка и загуба ништо не може да ја надомести. Единствено, велат, транспарентен судски процес.

Според обдукцискиот наод, 22 годишната Теодора Ристовска се здобила со тешки телесни повреди, а смртта настанала како резултат на крварење во черепната празнина. 

По несреќата на 15 август 2022 година, првото судско рочиште беше закажано во јули 2023 година, потоа во ноември истата година по признавање вина на возачот Менсур Пајазити, кој бил осуден на казна затвор од три години и шест месеци, обвинетиот поднел жалба до Апелацискиот суд Гостивар.

Апелација му ја намалила казната на две години затвор. Незадовелен од решението побарал преиспитување на пресудата од страна на Врховниот суд и одлучено е да се укинат пресудите на Основниот и Апелацискиот суд и предметот да се врати на повторно судење. Следното рочиште за овој случај е закажано за седми април.