По војниците, и полицајците бараат зголемување на платите

И полицајците бараат повисоки плати. По најавеното зголемување на примањата во Армијата за десет проценти, Македонскиот полициски синдикат бара Владата да го отвори прашањето за платите и во останатите безбедносни служби. Од Синдикатот предупредуваат дека полициските службеници не се соодветно платени за одговорноста и ризиците што ги носи нивната професија. Порачуваат дека не може да се очекува максимална посветеност од луѓето кои се грижат за безбедноста на граѓаните, без соодветно вреднување на нивниот труд.

„Не може да барате максимална пожртвуваност, а да нудите минимално вреднување! Не може да барате професионалност, лојалност и подготвеност за ризикување на сопствениот живот, а луѓето кои ја носат таа одговорност да се доведени до работ на егзистенцијата! Не може да зборуваме за силни институции, а истовремено да дозволиме тие институции да останат без искусен, мотивиран и професионален кадар!“

Сè повеќе полициски службеници ја напуштаат професијата, искусниот кадар заминува, а интересот кај младите е сè помал, тврдат од Синдикатот. Бараат итни и системски решенија, со кои ќе се подобри материјалниот статус на вработените не само во МВР, туку и во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Според нив, доколку продолжи ваквиот тренд, државата ризикува да остане без искусен и професионален кадар. МВР засега молчи за барањата на полицискиот синдикат. Иако испративме прашања до Министерството дали се планира зголемување на платите на полициските службеници, до затворањето на Дневникот не добивме одговор. За разлика од полицијата, за вработените во Армијата веќе е најавено зголемување на платите од десет проценти, предвидено со буџетот за 2027 година. Според најавите од Министерството за одбрана, тоа би значело од четири до единаесет илјади денари повеќе месечно, зависно од работното место. Полицискиот синдикат смета дека договорот за Армијата треба да биде пример и за останатите безбедносни служби, а не изолиран случај. Порачуваат дека не бараат привилегии, туку достоинствено вреднување на трудот, и дека е време пофалбите да бидат заменети со конкретни дела.