По вчерашната потресна сторија на ТВ 24, институциите се раздвижија

Социјални работници од велешкиот Центар за социјални работи утре ќе одат во домот на семејството Димитријевски и ќе однесат на потпис барање за користење на услугата лична асистенција. Ова доаѓа по вчерашната сторија на ТВ 24, во која Лила, мајката на Ристе, кој повеќе од 30 години е врзан за кревет, се пожали дека веќе 20-тина дена е без персонален асистент, нема помош од никого и дека поради грижата за Ристе, не може да излезе од дома.

Од Министерството за социјална политика тврдат дека мајката на Ристе, Лила Димитријевска лани побарала да престанат да ја користат оваа услуга, но дека и по закон им следува, ако таа повторно побара.

- Лицето Ристе Димитријевски било  корисник и на услугата лична асистенција во периодот од 16.12.2019 година се до 31.10.2024 година. Истата е прекината на барање на мајката Лилјана по поднесено  барање за престанок на услугата поради лични причини. Ристе Димитријевски изминатиот период ги користел услугите на давателот на услуга  „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености“,  но не со решение на Центарот за социјална работа Велес, туку преку проект, односно активна мерка која се реализира со имплементација на Оперативниот План за вработување преку Агенцијата за вработување, а истите се финансираат 12 месеци од денот на добивање.

Димитријевска е зачудена од одговорот на Министерството и тврди дека лани не потпишала никакво барање за престанок на услугата за користење пероснален асистент. Сепак, согласна е повторно да поднесе барање. Од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености потврдија дека нивни персонален асистент работел во домот на Димитријевски, но неодамна престанал да доаѓа.

Телевизија 24 дознава дека иако ова здружение е вклучено во тековен проект заедно со Министерството за економија, Агенцијата за вработување и УНДП, од февруари, од овие институции наеднаш престанале да префрлаат пари за платите на персоналните асистенти. Здружњението во последните месеци, некако успеало да ги покрие платите од свои извори, но пари за понатаму немале.

Во меѓувреме, Лила стравува за здравјето на својот 47-годишен син, кој од корпуленетен маж, во последните месеци, навасан од разни болести, стана коска и кожа. Во потресна исповед вчера, оваа 70-годишна мајка низ солзи раскажа дека е на работ на силите и без асистент, не може да се грижи за својот син.