По Скопје и Битола, Торонто е град со најмногу Македонци во светот
Торонто е најмултикултурен и најкосмополитски град во светот, каде живеат и се интегрирани луѓе од сите краеви на светот. Во главниот град на канадската провинција Онтарио бројни се имигрантските заедници, кои непречено ја негуваат традицијата и културата на земјата од каде потекуваат, а најчесто тоа е преку верските објекти. Речиси да нема кварт во која нема верски објекти, како на најголемите религии, така и на некои помали религиски групи.
Според официјалната статистика од 2021 година во Торонто живеат околу 2,7 милиони луѓе, додека во пошироката област на градот живеат над 11,1 милиони луѓе од сите раси и вери. Додека колку Македонци живеат во Торонто и Канада има различни толкувања.
поред пописот од 2021 година во Канада живеат 39.440 лица кои изјавиле дека имаат целосно или делумно македонско потекло, додека за Торонто нема официјални податоци. Но, според здруженијата на македонската дијаспора бројот на Македонци е многу поголем, а Торонто е трет по големина град по Скопје и Битола, каде живеат од 70.000 до 150.000 Македонци.

