По речиси тримесечен отпор, украинските борци ја напуштија фабриката Азовстал, Зеленски ја повика Русија на дипломатија

Деновиве завршува најцрното поглавје во историјата на Мариупол. Украинските борци ја напуштија фабриката за челик Азовстал по речиси тримесечен отпор. Тоа е рекорд во оваа војна на Русија против Украина, која почна со анексијата на Крим.

Русија прогласи победа во повеќемесечната битка. Според информациите кои ги објавија руските власти 531 украински војник  го напуштиле местото, а во последните неколку дена вкупниот број на лица кои се предале изнесувал над 2000. За тоа што ќе се случи со украинските војници, властите од Киев сугерираат дека тие ќе бидат вратени дома во размена со руски војници кои беа заробени од украинските сили. Меѓутоа, тоа засега Москва не го потврдува.

„Територијата на металуршката фабрика ‘Азовстал‘, каде што украинските милитанти од Азовската нацистичка формација беа блокирани од 21 април, е целосно ослободена. Од 16 мај, 2.439 неонацисти од Азов и украински војници го положија оружјето и се предадоа. Последната група од 531 милитант се предаде.“ - изјави генерал-мајорот на руската војска Игор Конашенков.

Зеленски пак вели дека војната може да заврши само преку дипломатија.

- Ги покануваме земјите-партнери да потпишат мултилатерален договор и да создадат механизам преку кој секој човек кој настрадал од дејствијата на руската армија може да биде компензиран за своите загуби. -Украина  би можела да биде победничка на бојното поле, но  работите би можеле да запрат само „на преговарачката маса“. конфликтот „ќе биде крвав, ќе има борби, но дефинитивно ќе заврши само преку дипломатија“.- изјави Зеленски.

Русија сега  се обидува да ја преземе контролата врз украинскиот регион Донбас,  а започна и голема офанзива во провинцијата Луганск. Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари.