По продолжениот викенд анкетна комисија за Кочани, ќе има ли поддршка или опструкции?
Деветти декември, останува како термин за одржување на Постојаната анкетна комисија во Собранието, а со која претседава Димитар Апасиев и покрај барањето на собранискиот спикер Африм Гаши да биде преместена за друг датум заради буџетската расправа.
Пратеничката Јована Мојсоска во „24 Анализа“ рече дека терминот е избран во координација со родителите затоа што тој ден нема судско рочиште. Порача, мнозинството да не смислува изговори.
Јована Мојсоска-пратеничка од ЛЕВИЦА
„Буџетската расправа трае цели пет дена согласно Деловникот, минатата година расправата за Буџетот заврши во рок од еден ден. Апсолутно сметам дека има услови да се одржи во вторник оваа седница и конечно да се слушне гласот на родителите, затоа што сметам дека и како Собрание претходно потфрливме да отвориме една дискусија во највисокиот законодавен дом. Апелирам да нема креативни обиди да не се одржи оваа седница, преку можеби неисполнување на кворум, има деловнички услови.“
Пратеникот Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нема да ја бојкотираат.
Бојан Стојаноски-пратеник од ВМРО ДПМНЕ
„Последното нешто што тие луѓе го заслужуваат е политизирање и правење на нешта кои се недостоинствени кон ниту едно човечко суштество, особено кон оние кои во ваква трагедија ги имаат изгубено најблиските. Ние имаме одговорност и нема да дозволиме такви грди сцени да некои не доаѓаат и да не се отвораат комисии, да ги понижуваме, потценуваме. Ова да го направиме до крајот на годината сите тие кои се повикани да дојдат и да присуствуваат. Не гледам тука никаков проблем.“
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче денеска изјави дека СДСМ ќе ги поддржи иницијативите за дискусија на било која тема во Собранието и ќе учествуваат на било која седница и комисија.
Од Левица велат дека испратиле покани до претседателката на државата, премиерот, претседателот на Собранието, министерот за внатрешни работи.
Од Владата за Тв 24 велат дека поканата е стигната во Влада, ќе ја разгледаат и дополнително ќе информираат. До емитувањето на овој прилог одговор не добивме од кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, ниту од претседателот на Собранието Африм Гаши. Од кабинетот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ни одговорија дека следниот период министерот е на службено патување.
Иницијативата „Кој е следен?“ за утре во 17часот, најави онлјан состанок и ги повикаа заинтересираните граѓани да се приклучат, бидејќи „Кој е следен“ добил официјална покана да присуствува на седницата во вторник на која ќе се разгледува претставката на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“. Наведуваат дека целта на состанокот е да се усогласат ставови, аргументи и прашања коишто претставниците од „Кој е следен?“ ќе ги произнесат пред пратениците.
Претходно во Собранието, со 84 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ беше изгласана потребата за формирање на анкетна комисија која ја иницираше парламентарното мнозинство, а опфатени се несреќите за Кочани, Модуларната во Тетово, Дурмо Турс и Беса Транс. Претседател на анкетната која ја иницираше парламентарното мнозинство ќе биде од редовите на опозицијата.

