По позитивниот Извештај на ЕК, политичките лидери очекуваат почеток на преговорите за членство
Foto

По позитивниот Извештај на ЕК, политичките лидери очекуваат почеток на преговорите за членство

Извештајот на Европската комисија, објавен во понеделникот, во кој се даваат позитивни оценки за напредокот на земјава и одново се препорачува отпочнување на преговорите за членство, го зајакна оптимизмот кај домашните политичари и кај странските дипломати дека Европскиот совет ќе донесе одлука за старт на преговарачкиот процес.

Премиерот Оливер Спасовски оцени дека Извештајот на Европската комисија е феноменален, одличен и ги потврдува напорите на Владата во спроведувањето на реформите, па според него, логично е да се очекува да се добие тоа што е заслужено, односно почеток на преговорите за членство.

 

– Во извештајот децидно стои дека Владата ги зајакнала своите напори во спроведувањето на реформите. Таму се констатира се она што беше направено, дадени се најпозитивни оценки за Северна Македонија, преземени се сите мерки кои што треба да бидат преземени во делот на реформскиот процес и тоа е добра основа, час поскоро да ги започнеме преговорите за членство со ЕУ, изјави Спасовски при вчерашната посета на граничниот премин Табановце.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека по позитивниот извештај од ЕК, време е Европа да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапните преговори.

– Но, после искуството во изминативе две години, за жал, уште не можеме да си дозволиме да се израдуваме. Мислам дека треба да ја видиме прво конкретната одлука, изјави Димитров во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

 

Според него, извештајот е повеќе од добар, одличен, бидејќи вели дека и покрај разочарувањето од октомври Северна Македонија ги зголемила, интензивирала напорите во реформите и испорачала опипливи и одржливи резултати.

– Сега имаме еден контекст каде состојките за успех се очигледни. Имаме мини извештај дека е време да почнеме пристапни преговори и се надевам дека Европа тоа ќе го искористи и таа да испорача. Ако ЕУ во ваков контекст не испорача, практично најголема жртва ќе биде политиката на проширувањето, односно ЕУ ќе даде сигнал дека вратата е затворена во еден регион кој е опкружен со земји членки и мислам дека таква работа нема да си дозволат, додаде Димитров.

Позитивни очекување за брз старт на преговорите имаат и водечките политичките партии. СДСМ смета дека позитивниот Извештај на Европската Комисија преставува потврда на успешните евроинтегративни политики на партијата и партискиот лидер Зоран Заев, додека ВМРО-ДПМНЕ оценува дека земјава заслужи да добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ многу порано.

Поттик на оптимизмот за старт на преговорите даде германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој оцени дека по позитивните оценки од Еврокомисијата за Северна Македонија и за Албанија, Германија се залага за брз почеток на преговорите за членство на двете земји во ЕУ.

– Двете земји направија јасен прогрес во клучните реформи области, особено во зајакнувањето на судскиот систем и борбата против организираниот криминал. Ние ги споделуваме позитивните оценки на Европската комисија. Затоа се залагаме за брз старт на преговорите за членство во ЕУ. Пристапните преговори се најдобрата алатка што може да им се даде на Албанија и на Северна Македонија и најдобрата можна поддршка на за понатамошен напредок, оцени Мас.

 

Амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар смета дека Северна Македонија ја заврши својата задача и сега на ред се земјите членки, но мисли дека ѕвездите се местат и се надева конечно да види одлука за старт на преговорите за членство.

– Вашата земја ја заврши својата задача, спроведувајќи ги сите реформи, вклучително и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, така што сега на ред се земјите членки. Се е на маса и тие ќе мора да разговараат и да донесат одлука. Се воздржувам од преголем оптимизам затоа што никогаш не се знае ако некое ново прашање од некоја страна ги наруши дискусиите… Но, во моментов мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме конечно да видиме позитивен резултат, нагласи Жбогар во интервју за ТВ24.

Според него, сите земји членки на Унијата се задоволни од методологијата за преговори, па затоа не очекува големи проблеми околу нејзиното усвојување до Самитот на ЕУ на 26 март, на кој би требало да се разговара за носење одлука за старт на преговорите за членство со земјава и со Албанија.

 

Жбогар смета дека ЕУ не сака да и се повтори искуството од Самитот во октомври и не ќе може да си дозволи уште една средба на Европскиот совет без одлука за старт на преговорите.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние на вчерашната средба со премиерот Оливер Спасовски истакна дека Франција со оптимизам гледа на извештајот на Европската комисија, како и на методологијата за проширување како охрабрувачка основа за донесување одлука за старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Во очекување на Самитот на ЕУ кон крајот на месецов, утре Комисијата за европски прашања на холандскиот Парламент ќе расправа за проширувањето кон Западниот Балкан. Станува збор за „процедурална средба“ на парламентарната Комисија за европски прашања на која пратеници ќе „одлучуваат за начинот на кој ќе се третираат“ разни документи, вклучително и „владини ноти“ за проширувањето на ЕУ и за Западниот Балкан.

Европската комисија во извештаите објавени во понеделникот, нагласува дека Скопје и Тирана ги исполниле критериумите за почеток на преговорите и оти очекува Советот на ЕУ во наредните недели да донесе позитивна одлука за нивни старт.

 

Во извештајот за земјава се нотира напредок во клучните реформски области, како судството, судењата за висока корупција, вклучително и случајот со СЈО, безбедноста и јавната администрација.

Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Северна Македонија. Општо земено, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“. Оттука, Европската комисија порачува дека оценката од 2019 не е променета и дека Северна Македонија треба да започне преговори со ЕУ.

 

Се очекува Европскиот совет да донесе одлука за старт на преговорите на 26 март, пред самитот „ЕУ – Западен Балкан“, што во мај ќе се одржи во Загреб.

0 Коментари

Остави коментари