По повеќечасовна борба изгаснат пожарот во Штип

Целосно изгаснат е пожарот во Штип, што вчера попладне му се закануваше на градот под исарот.

“По повеќечасовна борба со огнените стихии во текот на ноќта, пожарникари и доброволци од регионот успеаа да го изгаснат големиот пожар што вчера попладне избувна над Штип најверојатно од удар на гром.“

Информацијата ја потврдија и од Дирекцијата за заштита и спасување, а поради сериозноста на пожарот во гаснењето биле ангажирани и доброволни друштва, но и неколку противпожарни камиони и четири специјални теренски возила, бидејќи станува збор за шумски пожар кој зафатил тешко пристапен терен со трева и грмушки, во чија близина има борови појаси, лозови и овошни насади. Не биле користени авиони, бидејќи немало услови за тоа.

ЦУК: Пожарот во Штип е изгаснат. Во гасењето учествуваа ТППЕ Штип со 20 пожарникари и 4 ПП возила, ДПСД Штип со 10 луѓе и 4 возила, од Кочани со 2 возила и 6 луѓе и св. Николе со една екипа.

Големиот пожар што вчера избувна над Штип и повеќечасовната борба на пожарникарите со огнот, уште на самиот почеток на јуни го вклучи алармот за колективна подготвеност за справување со природните непогоди. Овој пожар, кој за среќа заврши без жртви и изгорени куќи во околните викенд-населби, служи како сериозно предупредување дека климатските промени и сувата вегетација создаваат барут-ситуација во која секоја секунда е клучна, па се поставува прашањето колку сме подготвени за сезоната на огнови?

Огнената стихија во текот на вечерта се гледаше од речиси целиот град, над кој се извиваа густи облаци од чад. Се претпоставува дека пожарот избувнал по удар од гром во реонот над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма. Поради сувата вегетација и погодните временски услови, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта во Штип. Опожарените места биле под надзор во текот на целата ноќ, а за среќа нема повредени лица и не беа зафатени имоти.