По онколошки болните и дијабетичарите на недостаток од лекови се пожалија и хемофиличарите
Пропаднати тендери, недоволно количини на лекови. Светскиот ден на хемофилија годинава пациентите го одбележуваат со низа проблеми со кои се соочуваат во здравствениот систем поради што бараат итна реакција од здравствените власти.
Цветанка Наќевска – Здружение на пациенти со хемофилија
„Цела 2025 бевме со намалена месечна потреба за обавување на сите животни работи, па повозрасните верувајте повеќето се во кревет, тие се со големи оштетувања по зглобови, тоа се неподносливи болки. Во немање на терапија во одредени градови луѓе кои веќе не можеа тие проблеми да ги поднесат се вратија на стариот третман на криопреципитат, а тој е веќе забранет да се користи во цел свет“.
Министерството за здравство уште пред два месеци најави дека дел од факторите кои ги нема ги обезбедиле со донација, но и таа донација се уште не стигнала до пациентите.
Цветанка Наќевска - Здружение на пациенти со хемофилија
„Преразочарани сме од недостаток на терапија. Сакаме да се социјализираме, да живееме и државата да не сфати еднаш и на една маса ги повикувам и Министерствот и ФЗОМ и Центар за хемофилија, здружение да седнеме на едно место да го решиме овој проблем и од мај 2026 да немаме никаков проблем и да имаме редовна терапија.“
Министерот за здравство денеска даде иста изјава како и пред два месеци - тедерската документација е при крај и наскоро лековите ќе пристигнат.
За донацијата пак на дел од лековите, која е стигната од Америка, Алиу вели дека Агенцијата за лекови не може да даде зелено светло за употреба поради законски пречки и можно е лекот да биде вратен, наместо да им се даде на пациентите.
Азир Алиу – Министер за здравство
„Заради законска неможност на ИЈЗ и на МАЛМЕД како Агенција да дадат позитивино мислење, бидејќи леков веќе физички е кај нас во државата, да може да се употреби и да биде пуштен во употреба, но ќе видиме правиме напори како истиот да го ставиме во употреба ако не ќе мора истиот да се врати назад во земјата која што ни е донатор во Америка“.
Освен за хемофилија, пациенти претходно реагираа дека нема дел од лековите и за онколошко болните, а исто така реагираа и пациенти со дијабетес дека сензорите за мерење шеќер во крвта се уште ги нема во сите градови низ земјава.

