По кои критериуми владата ја направи селекцијата кои медиуми ќе известуваат од Рим?

Владата се' уште молчи како и според кои критериуми ги одбрала медиумите кои известуваат од Рим  а по повод 24 Мај, денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Освен ова, ТВ 24 ја праша Владата и колку пари чини престојот на новинарските екипи таму, дали тие се дел од официјалната државна делегација и дали Владата донела било каква одлука да се обезбеди бесплатно сместување и евентуални патни трошоци за медиумските екипи. 

Додека Владата молчи реагираа новинарските здруженија.   

„Владините посети на државен трошок треба да ги следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми. Овој селективен пристап, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретни медиуми. Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба.“ - реагираа од ЗНМ - ССНМ - СЕММ.

Праксата на патувања на медиумите на буџетска сметка беше прекината со претходната Влада која на секоја покана за следење на нејзините активности беше строго наведувано дека медиумот го организира патувањето на свој трошок. Актуелната Влада пак, ја враќа старата пракса. Ова особено откако пред две недели, Собранието нетранспарентно и без критериуми избра еден приватен медиум да го прати претседателот на Собранието, Талат Џафери во неговата посета на Украина.

Поради ова, ЗНМ, ССНМ и СЕММ велат дека ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија. 

ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска побара одговорност од Владата откако на прес конференција, партијата објави дека вработени во Владата биле во Софија, Бугарија но биле пријавени како новинари.