По емитувањето на прилогот на ТВ 24 улицата "Прилепска" во Охрид се тампонира

По емитувањето на прилогот на ТВ24 за ул. ,,Прилепска" во Охрид истата почна да се чисти, израмнува и тампонира а од општината велат дека во наредните месеци ќе се пристапи и кон целосно асфалтирање.

,,Ја информираме јавноста  дека екипите на општинските  јавни претпријатија се на терен на улицата "Прилепска",каде поради интензивните врнежи од дожд, во текот на изминатите неколку седмици се насобра значителна количина на наноси од кал и вода, што ги отежна условите за движење на жителите. ‎‎Бидејќи  временските услови се веќе стабилизирани, во наредните денови интензивно ќе се работи на расчистување и санација на теренот со градежна механизација, при што површината на улицата ќе биде исчистена, израмнета и ќе се изврши тампонирање. ‎‎По завршување на овие привремени активности, во текот на наредниот период, по комплетирање на тендерските процедури, ќе се пристапи кон целосно асфалтирање на улицата "Прилепска".

Жителите претходно за нашата телевизија се пожалија дека едвај стигнуваат до домовите поради кал и тиња на улицата и дека постојано луѓе а и автомобили пропаѓаат во отворените шахти.Сега ја поздравуваат брзата реакција на локалните власти која дојде веднаш после емитувањето на прилогот на ТВ 24.‎

Од ‎Општина Охрид испраќаат апел до граѓаните за разбирање и трпение додека траат активностите на терен.