По еден месец закажана пленарна седница во Собранието
Foto

По еден месец закажана пленарна седница во Собранието

По скоро еден месец пауза, пратениците се вратија во Собранието, откако спикерот Талат Џафери ги закажа продолженијата на 21, 22, 25 и 26 седница.

На почетокот, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски посочи дека владиното мнозинство се уште има проблеми во своите редови. Тоа, како што рече Мицевски, можело да се види и од 50-тината присутни пратеници од страна на владејачкото мнозинство.

Според него, денешното закажување продолженија на четири седници е да и се покаже на јавноста дека Собранието работи, а во суштина, како што рече, има по една до две точки кои исполнуваат услови за работа на денешната пленарна седница.

Според спикерот Талат Џафери единствената причина што на денешната седница се најдоа продолжувањата на четири седници, е затоа што тие не се довршени, иако се почнати пред повеќе месеци. Тој појасни дека се уште во одредени комисии не се разгледани сите точки, а според Деловникот има рокови за колку време точките од дневниот ред на седница треба да се разгледувани во одредени комисии. 

Од СДСМ уверуваат дека парламентарното мнозинство е стабилно. 

Продолженијата на пленарните седници доаѓа по координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Џафери, на која присуствувал заменик-координаторот на ДУИ Арбер Адеми, додека координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби веќе подолго време, не присуствуваа на состанокот, но имаат неформална комуникација со Џафери за работата и активностите на Собранието.

Проблемите се појавија во пратеничката група на ДУИ, со што Собранието повеќе недели не можеше да одржи нова пленарна седница заради немање на кворум.

0 Коментари

Остави коментари