По двојното брутално убиство во Велес, СДСМ бара оставки во МВР, дали можеше да се спречи трагедијата

Кој затаи? Институциите, законите или можеби причината треба да се бара во нетретираното ментално здравје? Трагедијата во Велес, кога Илија Стефановски ја уби својата поранешна партнерка Росица Коцева и нејзиниот татко, а потоа си пресуди и себеси, отвори лавина прашања. Зад ова крваво злосторство стојат мноштво пријави за закани, насилство и вознемирување, полициски записници, судски одлуки и психијатриски вештачења. Но, и покрај сите аларми кои со месеци се испраќаа, системот не успеа да ја заштити жртвата.Психологот Розалија Секулоска вели дека вакви трагедии има и во најразвиените земји, но покрај толку многу пријави и дојави како во велешкиот случај, системот мора ефикасно да реагира, а заканувачот да биде под постојан надзор.

Во еден од судските предмети, во кој Стефановски беше обвинет за напад над партнерот на Росица, психијатриско вештачење покажало дека тој не боледува од душевна болест и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената. Секулоска вели дека ваков злосторнички чин не може да направи човек кој немал психолошки проблем.

Дали полицијата затаила и дали внатрешната контрола на МВР ќе испитува дали е преземено се во овој случај, не успеавме да дознаеме. Иа покрај упатеното прашање, до овој момент од МВР не добивме одговор. Опозициските партии со барања за одговорност за раководството на велешката полиција и министерот Тошковски.

Цели 10 месеци МВР, ОЈО, судови биле неми соучесници во двојно убиство! Дури во септември убиецот, против кој има низа пријави, е условно осуден. Во држава која има најголем број полицајци по глава на жител, жените имаат нула заштита и секоја од нив е потенцијална жртва!

Граѓанските организации за утре најавија протест пред МВР и блокада кај Жена Парк Борец. Организаторите велат дека протестот и блокадата се заеднички крик против колапсот на институциите што дозволуваат континуирано насилство врз жени што завршува со фемициди.