По децении загадување, во Преспа сега се случува тивка револуција на производство на органски ѓубрива и препарати
Ресен и Преспа се синоним за македонското јаболко. Но, зад црвенилото на плодовите со децении се крие тивок непријател – прекумерната употреба на пестициди која го загрозува екосистемот и самото Преспанско Езеро.
Сепак, на теренот се случува тивка револуција. Неколкумина храбри овоштари меѓу кои и Игор Фузевски кои решија да ја прекинат зависноста од хемикалиите и самите да произведуваат органско ѓубриво. Наместо гранките од кастрењето и скапаните јаболка да завршат на диви депонии или да бидат запалени, загадувајќи го воздухот, тука тие стануваат вредна суровина. Со месеци, органскиот отпад се разградува под дејство на микроорганизми, создавајќи природен хумус кој е вистинска „инфузија“ за преспанската почва.
Процесот не е едноставен, но е одржлив. Наместо да купуваат скапи увозни вештачки ѓубрива, овие луѓе со процес на компостирање го користат она што самата природа им го дава. Отпадот од кастрењето на гранките, паднатите јаболка и останатата органска материја, по природен пат се трансформираат во „црно злато“ за почвата.
Дека преспанското јаболко може да биде светски бренд, докажува и Кирил Прцулоски. Неговата „Царица“ не е само име на бренд, туку филозофија на производство. Кирил е еден од оние кои гласно говорат за потребата од промена на старите навики – помалку хемија, повеќе знаење и грижа за почвата.За Кирил, патот до врвното јаболко не поминува низ агресивни пестициди. Тој вложува во едукација и современи агротехнички мерки, верувајќи дека само здрава почва може да даде плод достоен за името „Царица“. Неговиот пристап е доказ дека кога на традицијата ќе и се додаде визија, резултатот е производ кој е конкурентен и на најпребирливите пазари.
И додека едни го враќаат животот во почвата преку компостот Гордана Стојаноска од здружението на самостојни уметници со инвалидитет" Иднина на традицијата" од Ресен пронашла уникатен начин да ја заштити природата. Наместо вишокот бакарни материјали и амбалажи да завршат фрлени во нивите, каде со децении би ја труеле земјата, таа ги претвора во уметност испракајќи порака дека заштитата на Преспа не е само еколошко прашање, туку прашање на личен избор и чиста совест.
Изјава Гордана Стојаноска претседател здружение на самостојни уметници со инвалидитет"Иднина на традицијата"
И од Општина Ресен упатуваат јасен апел до сите земјоделци –дека преминот кон органски препарати и одржливо овоштарство веќе не е само прашање на избор, туку неопходност за опстанокот на регионот.
,,Главните притисоци на квалитетот на водните ресурси се од точкасти и дифузни извори на загадување, како резултат на активностите во домаќинствата и индустријата. Концентрацијата на фосфор постојано се зголемува како резултат на човековите активности, пред сè преку непрочистените отпадни води. Урбаните отпадни фекални води предизвикуваат интензивно загадување на реципиентот.
Прoчистувањето на отпадните води во пречистителни станици е еден од највисоките приоритети во севкупното управување со животната средина. А, тука е сегашната улога на локалната самоуправа Оштина Ресен во реализација на инфраструктурние проекти кои се однесуваат на изградба на канализациони мрежи и пречиститените станици во Преспа за помало загадување на ПЕ.Земјоделството придонесува кон дифузно загадување преку несоодветни практики на ѓубрење, наводнување и несоодветната употреба на пестицидите.
Пестицидите што се користат за заштита на јаболковите насади, кои преку врнежите и повратните води, директно се слеваат во езерскиот басен.Преспанско Езеро се соочува со сѐ поголемо загадување од прекумерната употреба на пестициди врз овоштарниците во Преспа. Според анализите на Министерството за животна средина и просторно планирање, овоштарите употребуваат околу 65 тони пестициди годишно.
Во последното истражување, кое беше спроведено од тим на истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, во две временски фази – во пролет и есен, при што беа собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро со различна оддалеченост од земјоделски насади. Анализите покажаа дека во Преспанскиот регион има големо загадување од несоодветната употреба на пестицидите, а притоа беа идентификувани вкупно 19 различни пестициди во двата периоди на годината. Тоа се однесува на загадаувањето кое му се случува на Преспанското Езеро од несоодветни земјоделски практики, како употреба на вешташки ѓубрива (фосфорни) местоеколошки, односно природен компост, употреба на хемиски пестициди наместо природни/еколошки препарати за третирање на овошните насади. " велат од Секторот за животна средина при Општина Ресен
Иако бројот на органски производители е сè уште мал, нивниот успех е силна порака. Тие докажуваат дека е можно да се има добар принос без да се жртвува здравјето на граѓаните и чистотата на природата. Дали државата ќе го препознае овој модел како стратегија за спас на Преспа, останува да видиме. Едно е јасно – иднината на јаболкото е или во хармонија со природата, или воопшто нема да ја има.

