По цела деценија повторно најави за рестарт на изградбата на новата болница во Штип
И повторно најава за Клиничката болница во Штип, по којзнае кој пат во период од една деценија. Овој пат најавата е дека ќе се рестартира изградбата на новата болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом, а истата доаѓа директно од премиерот Христијан Мицкоски. Тој откако првиот работен ден од својот мандат во Штип го најави завршувањето на овој значаен проект, сега, две години подоцна тврди дека се собрани понуди за трите проекти од светски реномирани финансиски институции.
После десет години ветувања и празни најави, граѓаните пак повеќе не веруваат дека некогаш и ќе можат да се лекуваат во болницата.
Инаку, на 3 март 2016-тата тогашната влада го постави камен темелникот на новата Клиничка болница во Штип, чија изградба сè уште не е завршена. Овој капитален објект е решение за над 200.000 жители од источниот дел на Македонија. Проектираната вредност за која се обезбедија пари за градење беше 30 милиони евра, а заедно со потребната опрема беа планирани 56 милиони евра. Објектот првично беше најавен дека ќе биде завршен до крајот на 2018-тата. Но, и по десет години изградбата е запрена, а пациентите од истокот се приморани да се лекуваат во сегашните услови на постоечката болница.

