По 3 години се уште нема одговорност за трагедијата во тетовската болница
Денот на независноста на Македонија, осми септември, пред точно три години – се претвори во ден на жалост. Токму тој ден ќе биде запишан во историјата на Македонија како еден од најкобните денови, а веста з апожарот во модуларната болница го запре крвотокот кај секој еден човек. Токму во тој пожар на модуларната болница животот го изгубија 14 луѓе. Денес од модуларната болница нема ништо – местото е претворено во паркинг простор.
И денес овој паркинг простор потсетува на трагедија која никој никогаш нема да ја заборави. И денес се уште се трага по правда.
Од загинатите, 12 беа на болничко лекување, додека за двајца беше утврдено дека се членови на семејствата на дел од згрижените пациенти.
Во Основен суд Тетово се водеше судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.
Првата беше условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка.
Во првостепената пресуда за директорите беше изречена казна затвор од по една година и шест месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во време од по три години не сторат ново кривично дело.
Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
Во време на пожарот Министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.
Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
И по три години од трагедијата, се уште недостигаат многу одговори меѓу кои и она клучното – одговорност. Иако многу често слушавме дека одговорност ќе има но еве и по три години тоа што и понатаму го зголемува револтот е токму онаа информација дека причината за пожарот во кој изгореа 14 лица е кабел.