По 20 евра ќе плаќаат туристите од крузерите на грчките острови Миконос и Санторини

Грција нема структурен проблем со прекумерниот туризам, целта не се пристигнувањата, туку приходите, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на традиционалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун и паралелно соопшти дека патниците од крузерите ќе плаќаат по 20 евра на островите Миконос и Санторини во високата туритичка сезона.

На традиционалната прес-конференција што се одржува веднаш по свеченото отворање на саемот, грчкиот премиер говореше за актуелните теми од внатрешната и надворешната политика во земјата.

За туризмот посочи дека целта не се пристигнувањата, туку приходите и „би сакале повеќе туристи, кои трошат повеќе пари“, но и објасни уште подобро за одржливоста на дестинациите би било „ако помалку пристигнувања, а повеќе приходи“, додека пак за прекумерниот туризам посочи дека постојат проблем на одредени дестинации неколку седмици или месеци од годината.

-На пример, крузерите многу ги оптоваруваат Санторини и Миконос и затоа интервенираме и воведуваме такса на крузери што ќе биде 20 евра за месеците од високата сезона. Еден дел од овие пари ќе им се врати на локалните заедници за инфраструктурни проекти. Подеднакво важна е интервенцијата за бројот на бродови кои пристигнуваат истовремено на одредена дестинација, рече Мицотакис. 

Паралелно нагласи дека е „многу опасно Грција да се претстави како земја непријателска кон туризмот“. 

-Едно е да истакнуваме постоечки слабости, а друго е да сметаме и да ја прикажуваме Грција во странство како земја што не е гостопримлива за туристи. Бидејќи второто не е точно. А градовите и земјите што го сторија тоа ќе имаат последици од такво преувеличување, посочи грчкиот премиер. 

За време на вчерашниот говор на свеченото отворање на Меѓународниот саем во Солун, Мицотакис ги соопшти владините мерки и интервенции за подобрување на животот на граѓаните, што ќе се имплементираат од следната година, па се до завршувањето на четиригодишниот мандат во 2027 година, а на прашањето кои се главните цели до тогаш, ги посочи зголемувањето на платите и надградбата на здравствениот систем, паралелно истакнувајќи дека во 2027 година, „Грција ќе биде подобра земја и Грците ќе имаат подобар живот“. 

Нагласи дека просечната плата треба да биде 1.500, а минималната 950 евра, што според него е „најдобар договор на инфлацијата“, а за здравството објасни дека се потребни драстични интервенции, за во 2027 земјата да има нов национален здравствен систем. 

Дополнително посочи дека во 2029 година кога Нова демократија дојде на власт, „првата тема за граѓаните беше невработеноста, која беше 17 отсто, а сега е девет проценти“. 

На прашањето за железничката несреќа кај Темпи во февруари 2023 година, Мицотакис рече дека „сите теории за прикривање се неприфатливи“ и според него, тоа ќе го покаже и судската истрага, додавајќи дека судски процес треба да започне пред крајот на годината. 

Со оглед на тоа дека на почетокот на следната година истекува мандатот на претседателката на Грција, Мицотакис не откри детали кој би бил новиот кандидат или дали Сакеларопулу би добила втор мандат, објаснувајќи дека „оваа дискусија ќе се води во јануари“ и дотогаш нема ништо да каже. 

Денешната прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун траеше нешто помалку од два и пол часа, Мицотакис одговори на речиси 40 прашања, а портпаролот на грчката Влада коментираше дека биле многу повеќе прашања во споредба со лани. 

Грчкиот премиер говореше и за надворешната политика и односите со Албанија и Турција, посочи дека сакаат најдобри можни односи со сите соседи, а се осврна и на мигрантското прашање.