По 10 години, има ли надеж за новата болница во Штип?!
Големата капитална инвестиција во македонското здравство на истокот и понатаму чека подобри времиња. Изградбата на најсовремената нова Клиничка болница во Штип сè уште стои заглавена во лавиринти и оставена да пропаѓа на забот на времето.
Најавите дека по Нова година ќе отпочнат активности за доизградба на новата Клиничка болница во Штип сè уште на станд бај. И по речиси цела деценија од поставувањето на камен темелникот на 3.март 2016тата на терен и понатаму сликата е иста.
Од Здравство за 24 тврдат дека Клиничката болница во Штип е еден од приоритетите на Министерството, кои треба да се реализираат преку финансиски средства обезбедени преку договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: Станува збор за реализација на проекти во вредност од околу 205 милиони евра. Процесот на изразување на интерес на меѓународни финансиски институции за финансирање на овие три болници заврши на 03.февруари 2026 година. Изборот на најповолна понуда за финансирање е во надлежност на Министерството за финансии, а по изборот на најповолна понуда за финансирање ќе се пристапи кон постапки за реализација на проектот.
А во која фаза се активностите за избор на најповолна понуда за финансирање за доизградба на новата болница во Штип, 24 праша и во Финансии, но до објавување на прилогот одговори од таму не добивме. И додека институциите си ја префрлаат топката, граѓаните и по речиси цела деценија очекуваат помрднување на работите од “мртва точка“.
Инаку, после неколкугодишни административни лавиринти изградбата на штипската болница стана историја, бидејќи истата започна пред десет години и сѐ уште не може да профункционира.

