Планот на владата за обезбедување на парно за скопјани се уште не е договорен со компанијата Адора
Владата ќе се обиде преку Законот за енергетика и оваа грејна сезона да ги земе под наем топланите на Адора. Премиерот Димитар Ковачевски се повика на член 6 од законот, кој пак предвидува мислење или решение од Регулаторната комисија за енергетика, Комисијата за заштита на конкуренцијата и друг надлежен орган, во случајов град Скопје.
Преговорите помеѓу Адора и ЕСМ продолжуваат, иако од компанијата велат дека за нив не е опција давање под закуп, бидејќи и минатата грејна сезона биле во загуба. Сепак, според премиерот Ковачевски, за продажбата има поголема постапка и истото не е возможно да се случи за брзо време.
Во меѓувреме, владата чека, поднесува, има поднесено. Од Регулаторната комисија за енергетика за ТВ 24 велат, подготвени се да одговорат на она што го планира владата, а со цел побрзо да заврши постапката во пресрет на почетокот на грејната сезона.
Со БЕГ пак, привршува постапката со која и официјално ЕСМ ќе стане сопственик на топланите и ќе обезбедува топлинска енергија за голем дел од домаќинствата во Скопје.
Ја побаравме и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дали владата побарала мислење или предлог, како што предвидува законот, но не добивме одговори ниту на повиците ниту на СМС пораката која и ја испративме. Последната опција на владата, која не се исклучува, е национализација, бидејќи во време кога има прогласена кризна состојба на територија на целата држава, владата може да управува со државните компании.
Според Ковачевски, договорот со Србија бил да има размена струја за гас, иако двете страни посебно ќе си ги наплаќаат дадените услуги.
Компанијата „Адора инженеринг“, во чија сопственост се топланите Исток и Запад, денеска соопшти дека е согласна, доколку се изнајде модел за да се подмират нивните побарувања, да се премине кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализација на сите потребни услови за купопродажба.
- Во текот на вчерашниот и денешниот ден имавме опсежни состаноци со РКЕ, ЕСМ и БЕГ, каде што сите страни ги препознаваат ненаплатените побарувања кои законски ни следуваат, односно долгови кон Адора за изминатиот период. Договорено е РКЕ, ЕСМ и БЕГ да изнајдат модел во кој, во овој момент ќе се намират побарувањата кон Адора со цел да стапиме кон регулирање на идните односи за топланите со АД ЕСМ. Доколку постигнеме решение по ова разумно барање, Адора е спремна, иако на наша финансиска штета од 550 000 евра на годишно ниво, но во максимален интерес на граѓаните, да пријде кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализирање на сите потребни услови за купопродажба, се вели во денешното соопштение.
Доколку не се најде решение по овие прашања, велат од „Адора“, Владата има можност да ги употреби соодветните членови од законите за енергетика и справување со кризи, со цел да ги користи топланите без наша согласност кое би значело директна повреда врз правото на сопственост.
- Барањата на Адора се разумни и имаат егзестенцијално значење за нашата компанија, но уште повеќе разбираме дека граѓаните на град Скопје немаат никаква вина во овие системски пропусти и недоследности, и на ниту еден начин нема да бидеме пречка за граѓаните на град Скопје да имаат парно греење, велат од „Адора инженеринг“, додавајќи дека од ноември лани досега имаат испратено 19 дописи до РКЕ, 10 дописи до АД ЕСМ и четири дописи до Владата во врска со проблематиката со производство на топлинска енергија.