Писмото на Јанева го згасна СЈО – партиите поделени за неговата законитост
Откако првиот јавен обвинител одлучи да постапува по писмото на Катица Јанева и да ги преземе нејзините предмети, СЈО нема основ да продолжи да постои како правен субјект, согласни се и дел од политичките партии и експертите.
На партиите им останува да се договорат за неговите вработени, дали ќе се вратат во матичните обвинителства и институции или ќе станат дел од Основното обвинителство. Во меѓувреме, и натаму се кршат копја за законитоста на писмото на Јанева.
Додека за СДСМ нејзината постапка е логично решение, нивниот коалициски партнер ДУИ смета дека тоа треба да се испита.
„Законитоста на една одлука поднесена во услови кога поднесителот е во притвор, со однапред поднесена оставка како и веќе започната постапка за разрешување во Собранието на Република Северна Македонија е под голем знак прашалник и гледаме дека веќе се изјавуваат резерви кај политички партии, кај фелата, како и во јавноста за оваа одлука. И сметаме дека секој ќе си сноси одговорност за своите постапки било дали тоа е обвинител, судија или политичар“ - вели пратеникот од ДУИ, Артан Груби.
Писмото на Јанева ги спори и ВМРО-ДПМНЕ, но засега велат нема да поднесат иницијатива или кривична пријава за незаконито постапување, бидејќи не веруваат во обвинителскиот систем.
Високи партиски функционери се сомневаат и дека преземањето на нејзините предмети од страна на Љубомир Јовески, без конкретно законско решение за тоа, остава ризик да се влијае и на истрагата Рекет, бидејќи без детално примопредавање на материјалите велат, можат да се изгубат и клучни информации за тоа колку и какви докази и снимки презело ОЈО, што е уништено и што е во оптег. Сомнежите за координираност меѓу власта и Јанева ги изразија и вчера, по неуспешната рунда преговори за законот за јавно обвинителството.
„Oчигледно е дека писмата на Катица Јанева не се нејзина самостојна иницијатива напротив се работи за една добро координирана акција меѓу Заев рекетарката Јанева министерката за правда, Вилма Рускоска и обвинителот Јовески”- изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошoски.
За власта пак, нема ништо спорно во одлуката на Јанева, а Милошоски го оценија како извор на лажни вести.
„Ние остануваме посветени на носење на закон за јавно обвинителство без оглед што сега тоа не изгледа толку ургентно како што беше пред една или две недели, со оглед дека некои работи почнаа природно да се решаваат и случуваат“ - изјави министерката за правда Рената Дескоска.
Преговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да продолжат во вторник, за кога не е исклучена ни можноста да има лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.