Петти протест „Србија против насилство“
Во 18 часот пред Собранието на Србија започна нов протест „Србија против насилството“, петти по ред по трагедиите во белградското основно училиште и во две села кај Младеновац. Намерата на демонстрантите е во поворката од српскиот парламент да го опколат квартот каде што се наоѓа седиштето на претседателот на Републиката.
Денешниот протест можеби е уште помасовен поради острите реакции во јавноста откако претставници на владејачката Српска напредна странка во српскиот парламент ги нарекоа „ѓубриња“ актерите кои ги поддржаа демонстрантите и нивните барања. Оваа недела актерите објавија проглас во кој оценките на претставниците на СНС ги нарекуваат насилство.
Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ вечерва рече дека мисли оти денес има повеќе демонстранти од кога било.
„Посебно сакам да им се обратам на младите во Србија, пред еден месец бевме опфатени со трагедија каква што нашите луѓе не помнат. Трагедија која никогаш нема да ја преболиме и не треба да ја преболиме. Сите наши порази и несреќи , сите злосторства што сме ги направиле на другите и самите нас го допреле дното, а ако има дно, го допревме тој ден“, рече Бјелогрлиќ. „Тоа што вие младите излеговте на улица, што не сакате да живееме во ова соголено општество, дава надеж дека ќе се издигнеме од тоа дно“, рече Бјелогрлиќ.
На протестот во Белград организиран од прозападните политички партии, кој беше наречен „Србија против насилството“, насобраните донесоа обесена кукла со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Барањата на протестот се итно разрешувањее на српскиот министер за полиција, директорот на БИА и членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми, како и укинување на националните фреквенции за телевизиите кои промовираат насилство.
Се бара и смена на раководството на РТС, но и повлекување на националната фреквенција на ТВ Пинк и Хепи.
Првиот протест „Србија против насилството“ се одржа на 8 мај, а на 12 мај граѓаните два часа го блокираа мостот Газела на вториот протест.
Третиот протест се одржа на 19 мај, кога беа блокирани Газела и Бранковиот мост. Четвртиот протест се одржа минатата сабота на 27 мај, а учесниците по прошетката формираа обрач околу зградата на РТС.