Петрунија со две престижни награди на Берлинале

На денешната церемонија за доделување награди од независни жири комисии во рамки на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, беше соопштено дека престижната награда од жири комисијата Ecumenical ја доби филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска. Филмот дополнително се закити и со уште една фантастична награда специфична за берлинскиот фестивал; наградата Guild Film Prize.

Инаку, “Ecumenical Award” е независна филмска награда која се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали уште од 1973 година, како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари, а целта на наградата е да се оддаде почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот.

Жири комисијата на Guild Film Prize наградата ја доделува исто така на филмови од главната компетиција на Берлинале и е огромна препорака за гледачите и дистрибутерите, што ќе помогне за уште подобра дистрибуција на филмот кој наиде на неверојатен прием кај фестивалската публика. Инаку гала церемонијата за доделување на главните награди на 69-тото издание на Берлинале се одржува вечерва со почеток од 19 часот, на што претходи церемонијата на црвениот тепих, а пак околу 20.30 часот се одржува и последната прес-конференција на која ќе се соопштат добитниците на „мечките“ во повеќе категории.