Петковски во СТУДИО 10: Има голем сомнеж за тоа дали остана здрав човек во државата оти предолго време сме под трауматски стресови

Има голем сомнеж за тоа дали остана здрав човек во државата оти предолго време сме под трауматски стресови, вели психологот Станислав Петковски - Сашо во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Пострашно е што можеби се уште живееме со такви луѓе, а не знаеме, вели Петковски за случајот со убиството на малата Вања и велешанецот Панче.

Тој додава дека малата Вања е симбол на она што ни се случува премногу години наназад. Законот за амнестија кој дојде по конфликтот Петковски го критикувал во текст каде вели дека процесот на обжалување е нарушен. Првата фаза е неверување, втората фаза е лутина и бес, трета фаза е самообвинување, четврта фаза е самообвинување и дури петтата фаза е рационално прифаќање, а емоционално прифаќање и продолжување се шеста и седма фаза, објаснува Петковски. Тој вели дека Законот за амнестија тогаш се донесе шест месеци по конфликтот и многу луѓе останаа во втората фаза на лутина и омраза.

- Исто како што во семејството, родителите во овие 30 години беа излудени да ги надминат тешкотиите и не успеаја да ги насочат правилно своите деца, така и властите, кои се некој вид родител за народот, не успеаја да ги насочат луѓето да го најдат својот идентитет како граѓани. Затоа луѓето почнаа да си бараат идентитети во помали религиски или политички групи кои се за нив мерило за припадност. Ние сме уморни луѓе. Има две категории луѓе. Едните не ги интересира ништо и се во чекална за странство и се дисконектирани од општеството. Другите, кои се конектирани, се чувствуваат излажано од Шарена револуција и се разочарани. Некој треба да им се извини, објаснува Петковски.

Петковски вели дека родителот е помалку присутен оти мора да работи за да преживее семејството. Уморни родители не можат да влијаат врз децата. Децата наоѓаат антихерои со кои се идентификуваат. Но, оној кој ја води државата треба да прави програми и да ги спроведува на училиште. Кај нас системот е распаднат, вели Петковски и додава дека е благ песимист и дека има многу работа да се вратиме во 1989 година.

- Македонија психолошки е во регресија, се однесува инфантилно, нема контрола врз своите постапки. Оттука симптоми во општеството се голема агресија и вербализација, објаснува Петковски.