Петиција: Да се прогласи кризна состојба на сливот на Преспанското езеро
Foto

Петиција: Да се прогласи кризна состојба на сливот на Преспанското езеро

Итно прогласување кризна состојбa за целиот слив на Преспанското езеро, формирање научно техничка група за истражувања, иницирање меѓудржавна средба на експертско ниво и фазен план за спас на Преспанското Езеро со јасно утврдени рокови.

Ова се барањата на повеќето граѓански активисти и организации упатени кон Владата до цел да се спаси  Преспанското езеро кое полека но сигурно исчезнува.Сите овие барања се испишани во петиција која ја стартуваше невладината Охрид СОС. Од таму велат сите мерки за спас мора итно да се имплементираат во пракса, а не само на хартија како досега. 

„Додека Владата на Република Северна Македонија составува реферати што ќе прави следните четири години, Преспанското Езеро драстично се намалува а Преспа преживува апокалипса. Заборавено од сите релевантни институции, од ден на ден е во сè полоша состојба.До кога ќе ги третираме нашите природни богатства на ваков начин? До кога ќе ја уништуваме нашата татковина? Зошто релевантните македонски институции, локални самоуправи и засегнати страни молчат? Ја повикуваме Владата и сите инстанци кои се формирани за заштита на регионот Преспа да се вклучат поактивно, да иницираат конкретни активности и да бараат од институциите на трите земји решителни чекори за да не го изгубиме и езерото и околината. Црвените линии се одамна пречекорени." - велат од Охрид СОС. 

Од Охрид СОС додаваат дека Преспанското Езеро има најнизок водостој во последниот век што значи директно загрозување на животот и безбедноста на човекот, животната средина и животните. Мерки - одлучни и ригорозни - се потребни веднаш согласни се и службите од животна средина.

Состојбата во која моментално се наоѓа Преспанското езеро е и повеќе од алармантна. Водата од брегот е повлечена од 200 метри па и до 4 км зависно од географската поставеност на земјиштето. Локалното население стравува од пресушување на езерото и изумирање на живиот свет во него што би значело уништување и на основниот ресурс од кој со години егзистираат.

0 Коментари

Остави коментари