Пет здравствени работници загинале во израелски воздушни напади врз јужен Либан

Пет здравствени работници загинаа во израелски воздушни напади врз градот Дердгаја во јужен Либан, соопштија денеска локалните власти.

Како што јави Би-Би-Си, со ова вкупниот број на загинати здравствени работници се искачи на 115 од почетокот на израелската операција во Либан минатиот месец.

Силите за цивилна одбрана на Либан соопштија дека здравствените работници чекале во импровизиран центар за итни случаи во црква во јужниот град Дердгаја кога се случил нападот и дека службите во моментов работат на расчистување на урнатините.

Два воздушни напади беа пријавени во текот на ноќта и во предградието Дахиех во Бејрут, кое е под контрола на Хезболах, додека Израел тврди дека цел била „терористичка инфраструктура“.

Израел утринава соопшти дека убила двајца воени команданти на Хезболах кои биле меѓу организаторите на ракетниот напад врз северен Израел. Хезболах се уште не ја коментирал смртта на неговите команданти.