Пет лица убиени со лак и стрела во мал град во Норвешка
Foto

Пет лица убиени со лак и стрела во мал град во Норвешка

Дански државјанин (37) е осомничен за убиството на петте лица во вчерашниот напад со лак и стрела во норвешкиот град Конгсберг, соопшти денеска  норвешката полиција.

Во нападот, што се случи вчеравечер, беа повредени уште две лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на должност. Осомничениот со лак и стрела нападна на неколку локации во  Конгсберг, град со околу 28 илјади жители што се наоѓа на 68 километри југозападно од Осло.

Напаѓачот е уапсен, а полицијата истражува дали користел некое друго оружје. Се верува дека напаѓачот дејствувал сам. Нападот се случи во 18:30 часот по локално време, а полицијата соопшти дека спроведува истрага за да утврди дали нападот има врска со тероризам.

Полицијата соопшти дека ја открила националноста на напаѓачите за да ги спречи гласините откако на социјалните мрежи излегоа одредени дезинформации.

-Во тек е распитот на осомничениот и тој соработува со полицијата, изјави неговиот адвокат.

Нападот траел повеќе од половина час во пошироката област Конгсберг, вклучувајќи ја и продавницата Coop Extra, пренесе  весникот „Афтенпостен“.

По нападот, полициската администрација им нареди на полицајците низ целата земја да носат огнено оружје. Норвешката полиција е генерално невооружена, но полицајците имаат пристап до оружје кога е потребно.

Полициската администрација соопшти дека тоа е мерка на претпазливост и дека „засега нема индикации дека националното ниво на опасност ќе се промени“.

Бројот на загинати го прави овој напад најлошиот во Норвешка од 2011 година, кога екстремниот десничар Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, главно тинејџери кои присуствуваа на младински политички камп.

0 Коментари

Остави коментари