Пет години од имплементацијата на законот за укажувачи - потребни се храбри луѓе со интегритет, но и институции кои ќе ги заштитат
Вработен во јавно претпријатие формирано од Владата, како укажувач пријавил сериозен криминал во својата институција по што започнала неговата голгота која трае и денес.
Со оглед на тоа што во оваа институција има повеќе членови на Управниот одбор отколку што има вработени на директорот на претпријатието не му било тешко да открие кој бил укажувачот.
Поради ова тој бил избракан од работа. По тригодишна судска битка укажувачот бил вратен на работа но сега тој не може да оди во пензија затоа што претпријатието е во големи долгови и не може да му ги плати давачките. Ова е само еден од примерите за кои денеска се дискутираше на работилницата: „Пет години од имплементацијата на Законот за укажувачи“ во организација на Транспаренси Интернешнл-Македонија.
Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека Законот за укажувачи има недоречености но и пропусти како што е оној дека од него се добива впечаток дека тој што ќе се осмели да пријави криминал е целосно заштитен.
На работилницата учествуваа и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Грковска порача дека за укажување ни требаат храбри луѓе но и институции кои ќе ги заштитат укажувачите.
Спасовски пак откри дека во МВР,м преку внатрешно укажување, веќе се завршени неколку постапки кои резултирале со кривични пријави, отказни решенија и целосна заштита на укажувачи, вработени во МВР кои пријавиле криминал во своите редови. Според податоците на ДКСК за пет години примени се 35 пријави, од кои во 26 не се потврдени наводите од укажувачите. Останатите се во постапка.