Песков: Москва не ги прифаќа тврдењата на ИКАО дека Русија го соборила малезискиот „Боинг MH17“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва не ги прифаќа, како што изјави, пристрасните заклучоци на Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ИКАО (ICAO) дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот на малезиската авиокомпанија „Малезија ерлајнс“ во 2014 година.

-Нашиот став е добро познат. Знаете дека Русија не беше земја што учествуваше во истрагата за овој инцидент. Затоа, не прифаќаме никакви пристрасни заклучоци, изјави Песков за руските медиуми.

Русија отсекогаш негираше каква било вмешаност во соборувањето на авионот, тврдејќи дека ракетата што го соборила авионот била лансирана од територија контролирана од Киев.

Малезискиот „Боинг МХ17“, што леташе од Амстердам до Куала Лумпур, беше урнат на 17 јули 2014 година во близина на Донецк.

Во авионот имало 298 лица и сите загинаа.

Киев веднаш ја обвини милицијата на самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР) за соборувањето на авионот.

Украина, истовремено, одби да достави податоци од своите радари, а САД одбија да ги предадат сателитските снимки на истрагата за кои тврдат дека го покажуваат моментот кога е лансирана ракетата.

Руското Министерство за надворешни работи претходно објави дека Русија го прекинува своето учество во спорот со Австралија и Холандија во врска со соборувањето на овој авион.

Заменик-генералниот обвинител на Русија, Николај Виниченко, изјави дека Руската Федерација ѝ предала на Холандија не само податоци од рускиот радар, туку и документација што укажува дека ракетата што го погодила авионот ѝ припаѓала на Украина и била лансирана од територија контролирана од Киев, но дека истражителите ги игнорирале тие информации.

Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) вчера пресуди по жалбата поднесена од Холандија и Австралија дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година и дека ги прекршила меѓународните договори за цивилно воздухопловство, објави NL Times.

Холандија поднесе жалба откако Русија се повлече од преговорите во врска со утврдувањето на одговорноста за соборувањето на авионот.

ИКАО, агенција на Обединетите нации, донесе одлука врз основа на гласање на земјите-членки, а нејзиниот Совет заклучи дека Русија ја прекршила Чикашката конвенција, која им забранува на земјите-потписнички да користат оружје против цивилни авиони.

Конвенцијата, потпишана од сите 193 членки на ICAO, се смета за основа на меѓународните прописи за цивилно воздухопловство.

Советот на ИКАО сега ќе испита какви мерки треба да преземе Русија во врска со репарациите и одговорноста.