„Персонификација“ – изложба на цртежи на Стефан Јакимовски

Во Струмица вечер ќе биде отворена третата самостојна изложба на цртежи „Персонификација“ на Стефан Јакимовски.

Овие цртежи во голем дел во самата основа се графики кои потоа се доработени со рапитографи и маркери со цел да ја добијат последната форма. На изложбата ќе бидат претставени 12 дела кои се работени за време на неговите студии, како потенцијални скици за идни дела, а потоа доработени со соодветна техника и материјали за да бидат категоризирани во ликовната дисциплина цртеж.

Тематиките кои се застапени се најчесто конфузно и елементарно сочинети од најразлични детали, симболи и интервенции кои формираат целина. Претставуваат соодветна метафора на хаосот во кој живееме секојдневно, испреплетување на емоции и моментални умствени премрежја. Небаре извадени од тефтерот на уметникот, препознаени како doodles, тие не секогаш имаат задача да пренесат конкретна порака, но се обидуваат да внесат ред во просторот на хартијата и истовремено да пренесат збир од најразлични доживувања на светот, но и внатрежнитесостојби на човек кој е во потрага по одговори за животот кој го опкружува.

Изложбата се организира како соработка меѓу Здружението за развој и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ и бар „наГоре“.

Стефан Јакимовски е роден 1993 година. Основно и средно училиште завршил во Крива Паланка, а дипломирал графика со сценографија на Факултетот за ликовни уметности „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 2016 година, во класата на проф. Славица Јанашлиева. Во моментот е на магистерски студии каде ги раздлабочува и експериментира со мултимедијалните техники кои се тема на неговата дипломска работа. Има реализирано две самостојни изложби, учествувано на десетина домашни и меѓународни изложби и неколку ликовни колонии. Ова е негова трета самостојна изложба.