Перпарим Бајрами седна на обвинителна клупа

Првообвинетиот во случајот „Лотарија“, Перпарим Бајрами по скоро две години во бегство денеска седна во обвинителна клупа и се изјасни дека не се чувствува виновен за она што го товари обвинителството.

Бајрами, поранешниот вицепремиер Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу се товарат дека ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од над девет милиони евра. 

Одбраната на Перпарим Бајрами достави листа на докази. Адвокатот Еленко Миланов изјави дека со оглед на тоа што актуелниот директор на Државна лотарија е предложен сведок од страна на Обвинителството, тој побарал директно испрашување.

Еленко Миланов-адвокат на Перпарим Бајрами

„Постоеше коректно однесување и од судот и од обвинителството во делот на начинот на изведувањето на доказите со што сето она што е содржина неспорна ќе биде прочитана, презентирана. За да сите и судот и обвинителството, обвинетите и вие како јавност ја знаете содржината и таа е нешто што го поткрепува ова обвинение или не дава основа за негово поднесување.“            

Поранешниот директор на Лотарија по скоро две години во бегство и баран со меѓународна потерница, одлучи да се предаде на органите на прогонот, на ГП Блаце, минатата недела. На истиот начин како и поранешниот вицепремиер и обвинет Артан Груби во истиот предмет „Лотарија“ кој се предаде во февруари годинава. Обвинетите во случајот „Лотарија“ се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. 

Застапници на обвинението се обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.