Перцепција за корупција: Македонија во друштво на Тринидат и Тобаго
Македонија во друштво на Тринидад и Тобаго, според најновиот извештај за перцепција на корупцијата, на Транспаренси Интернешнл. Од 180 држави, земјата е рангирана на 76то место, а на листата до неа се Унгарија, Молдавија, Куба и Буркина Фасо.
Македонија е оценета со 42 поени од можни 100. Напредувала за два поени од минатата година, но сепак, тоне во борбата против корупција, бидејки според индексот, секој резултат под 50 поени укажува на сериозни корупциски проблеми.
- Во Македонија корупцијата е се уште на многу високо ниво. И нема реален напредок на работата кај голем дел од институциите, кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата. Судството и јавното обвинителство кои треба да бидат водечки, повторно согласно анкетите изминатата година, а кои се поврзани со довербата на граѓаните, покажаа загрижувачки ниски проценти. И онака нискиот процент од 4, падна на 1 отсто. - вели Благоја Пандовски од Транспаренси Интернешнел Македонија.
Пандовски, како поразителна индикација за проблеми и нарушување во независното судство, ја посочи, изјавата на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми дека има политички пристисоци врз највисокиот суд. Според извештајот, сопка за напредокот во борбата против корупција се и измените на Кривичниот законик. .
- Во септември 2023година, како негативна забелешка, Парламентот на Македонија, значително го поткопа судството. Нетранспарентно, по брза постапка, пратениците го изменија Кривичниот законик, кој доведе до намалување на затворските казни и скратување на застареноста на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика застарување на околу 200 случаи за висока корупција, во кои, во многу се вклучени поранешни функционери на високо ниво. - вели Пандовски.
Од регионот, подобро рангирани во борбата против корупцијата, од Македонија, се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија. Полошо рангирани, пак се Косово, Албанија, Србија и БиХ. Данска е на врвот на листата како најнекорумпирана земја, а последна на листата е Јемен.
Инаку, борбата против корупцијата и судството се нотираа и во последниот извештај за Макеоднија, на Европската Комисија. Потенцирани беа и во заклучоците на Европскиот Совет во декември, а стојат и како обврска во Планот за раст на ЕУ.