Пензионерите продолжуваат со протести и не отстапуваат од нивните барања
Жешка есен во најава на сите полиња во државата, сведоци сме на секојдневни протести, народот е загрижен и исплашен, како ќе се преживее годинава, но додека политичарите се обидуваат да ги објаснат придобивките од Европската унија, штрајкуваат нашите баби и дедовци и тоа секојдневно, бараат достоинствен пензионерски живот и линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари.
Штипските пензионери, денес наместо на пазар излегоа на протест. И додека власта се обидува да ги ублажи последиците од високата инфлација со воведување на антикризни мерки, пензионерите од речиси сите градови во земјава преку блокади на улици и протести покажуваат дека повеќе нема да молчат.
И денес 15-ти септември, кога е Ден на пензиската свесност повторно, како и секој ден до 20-ти месецов, за кога е најавен генерален штрајк во главниот град, штипските, светиниколските, но и пензионерите од други градови повторно излегоа на протест и со заедничка изведба на македонската химна, побараа линеарно зголемување на пензиите, за како што велат, колку толку да се ублажат последиците од скапотијата.