Пендаровски за ТВ 24: Макрон треба да дојде во Скопје и тука на лице место да се соочи, ако треба, и со гневот и со критиките од граѓаните
Претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата 24 анализа изјаи дека имаме начелна согласност во првите шест месеци од следната година францускиот претседател Макрон треба да дојде во Скопје и тука на лице место да се соочи, ако треба, и со гневот и со критиките од граѓаните, со пратениците, да каже што мисли.
Пендаровски, за време на престојот во Франција каде учествуваше на петтиот Париски мировен форум, побарал од неговиот француски колега Емануел Макрон да дојде во Скопје и да ѝ каже на јавноста и пратениците зошто би било добро да ги направиме уставните измени со кои ќе ги вметнеме Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот.
„Сега го потсетив на тоа, му велам ’Вие формално во време на вашето претседавање ја деблокиравте таа работа, меѓутоа ние сме сега на работ на граница да отвориме уставни промени. Не би било лошо и вие да дојдете и да објасните зошто би требало да ги направиме тие промени и да во име на Европа што ја претставувавте тие шест месеци и како голем европски лидер да кажете: Немаме задна намера, стварно сакаме што побрзо да ве видиме со нас во друштво како формални членки‘. Имаме начелна согласност дека првите шест месеци од следната година треба да дојде во Скопје и тука на лице место да се соочи, ако треба, и со гневот и со критиките од граѓаните, со пратениците, да каже што мисли. Му реков Фон дер Лајен дојде и се обрати, на 29 ноември доаѓа германскиот претседател, ќе се обрати и тој“, рече Пендаровски.