Пендаровски: Со овие избори покажавме дека земјава може да се однесува европски

Новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска од Државната изборна комисија го доби уверението за претседател на државата. Според него, со овие избори, земјава покажала дека може да се однесува европски, а институциите да работат професионално.

За потпишување на законите кои не ги потпиша досегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе се консултира својот правен тим што ќе го доекипира наредната недела. Најави дека ќе учествува во реформите на разузнавачките служби кои се под надлежност на претседателот. Политички реваншизам, рече, нема да има, ниту во институциите под надлежност на претседателот, ниту во претседателскиот кабинет. Сите кои професионално работеле, како што потенцира, ќе продолжат да работат, а секој кој го прекршил законот треба да одговара.

Во врска со законите што не ги потпиша Иванов, Пендаровски напомена дека ќе се обиде најбрзо можно во текот на следната недела да го доекипира неговиот правен тим, бидејќи, како што рече, не сака да потпишува „на слепо“.

Тој најави дека темелно ќе се зафати со реформи на безбедносните служби кои се под негова надлежност, чии злоупотреби биле и најголеми приочини за длабоката политичка криза во 2015 година, Во таа насока, додаде, веќе е направено доста, како издвојување на Петтата управа и формирање на ОТА, а ќе се работи на издвојување на УБК и на координација меѓу сите служби.

Утре Стево Пендаровски ќе биде инаугуриран на седница во Собранието на Република Северна Македонија, со што и официјално ќе го почне петгодишниот мандат.