Пендаровски: Пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици

Намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборен праг како и отворените листи имаат потенцијал да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на националната дебата за изборните реформи во државата.

На денешната дебата организирана од Институтот за европска политика, претседателот напомена дека изборните реформи се исклучително важно прашање што го дефинира демократскиот развој и амбиент буквално во секоја држава во светот. 

Тој напомена дека уште на почетокот на мандатот ја поддржал иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел.