Пендаровски побара инспекција во Чаир за начинот на преименување на улица со име Адем Демачи

Грешка, превид или незнаење. Одлуката на претседателот Стево Пендаровски да побара инспекциските служби да ја разгледа одлуката на општина Чаир за промената на името на улицата втора македонска бригата во Адем Демачи, оддекна во јавноста.

Од кабинетот на претседателот, без да објаснат зошто се бара инспекциски служби да ја проверат одлуката, велат дека на жителите треба да им се каже зошто улицата е преименувана сега,  иако решението е донесено пред две години.

„Според ставот на претседателот Пендаровски, акцентот треба да биде на демократската дебата, која ја споменавме, а не е спроведена со граѓаните на општина Чаир, за да им се објасни на граѓаните зошто одлуката донесена во 2021 година, се имплементира после две години и тоа токму по повод посетата на премиерот на Косово.“ - велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Утрово, два дена од посетата на Албин Курти и промената на името од Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи, од претседателскиот кабинет порачаа дека со пременувањето не се испочитувало историското наследство на сите заедници во земјава и побараа од надлежните служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство.

Но според законот за Град Скопје,  органите на градот се единствени надлежни за преименување на улиците, населбите и останатата инфрасструктура.

 

Закон за Град Скопје

„4. Комунални дејности

„- категоризација и именување на градски населби, улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;“

 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак му порачаа на Пендаровски наместо да се умилкува кај ДУИ и СДСМ, одговорност да побара од власта и претходното градско раководство, бидејќи одлуката за преименување на улицата Втора македонска ударна бргада ја има донесено Град Скопје, со претходна согласност и мислење на владата.

„Пендаровски, како претседател докажа дека има тотално непознавање од законите, нормите и надлежностите во државата. Каква инспекција бара Пендаровски во општина Чаир, кога општината нема никаква надлежност, туку таа надлежност ја има Градот, како и централната власт. Овие промени се донесени во март 2021 година, каде тогаш градоначалник е Петре Шилегов, мнозинство во советот на Град Скопје се ДУИ и СДС, а на чело на владата исто така ДУИ и СДС.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Во изминатиот период, општина чаир промени имања на неколку улици. Улицата Војдан Чернодрински, именувана по основоположникот на македонската драма и театар, го доби името Хоџа Атула Куртиши Ата.

Улица Лазар Танев, македонски социјалист и борец за работнички права стана Ушкин Хоти додека пак улицата Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше заменета со Исмаил Ќемали.